ПО РАСПИШУВАЊЕТО НАЦИОНАЛНА ПОТЕРНИЦА ПО ГРУЕВСКИ

По сигналите дека поранешниот премиер и актуелен пратеник во македонското собрание е надвор од државата и побарал политички азил во Унгарија, се поставува прашањето дали затаил системот и чија е одговорноста за тоа. Во своите првични реакции во врска со најновиот развој на настаните, експертите влегуваат во политичка расправа за нешто за што постои пропишана законска и правна процедура. Истовремено, префрлувањето на топката од едно на друго место, што можеше да се воочи и од вчерашните политички изјави, е показател дека нешто не функционира како што треба. Од друга страна, следењето на законските процедури е показател за владеењето на правото. Дури и во случајот со Груевски институциите, во рамките на своите законски надлежности, се обврзани да ги следат процедурите

Ако се потврди автентичноста на фејсбук-статусот од официјалниот профил на поранешниот премиер Никола Груевски дека тој веќе пребегнал во Унгарија, каде што ќе побара политички азил, тогаш разврската од неколкудневната судска потрага во Македонија, по поранешниот премиер за да се приведе на отслужување на двегодишната затворска казна по пресудата за случајот на СЈО, „Тенк“, добива уште поголема неизвесност и мистичност. Впрочем во јавноста деновиве поврзано со процесот против Груевски беше споменат и изразот „евтин театар“ за да се префрлат топката и одговорноста околу најновите случувања. Со последниот развој на настаните се добива впечаток како од одговорност да оградуваат сите и ја префрлаат топката едни кон други. Во меѓувреме, најновата вест вчера пристигна преку фејсбук-профилот на Груевски, чија автентичност сѐ уште не е потврдена ниту пак тоа од каде таа е испратена.
– Во последните неколку денови примив безброј закани по мојот живот. Јас сум во Будимпешта сега, и побарав политички азил од Унгарските власти. Секогаш ќе останам верен на каузата на Македонија. Никогаш нема да отстапам – напиша Груевски на Фејсбук.

Овој статус на Никола Груевски некои го толкуваат како доказ на одредени претпоставки, предвидувања и предупредувања дека почесниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, сепак ќе се одлучи за бегство од земјава во мигот кога ќе биде неизбежно да се јави на отслужување на затворската казна. Таквите јавно искажувани предвидувања и предупредувања, од друга страна создаваат сомневања дека целата таа медиумски проследена судско-полициска потрага по Груевски можеби претставува најобична политичка фарса, и дека неговото бегство од земјата можеби се случило со премолчено одобрување на органите на прогонот. Дури и актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по понеделничкиот претрес (вечерта, на 12 ноември) во гаражите на партиското седиште во Скопје, посочи дека власта прави „евтин политички театар“.

– Зарем лицето по кого со години водите политичка хајка, фрлате со дрва и камења и кого го третирате за државен непријател сакате да кажете дека не знаете каде се наоѓа – реагираше Мицкоски на полициската потрага по Груевски во просториите на партијата.

Во текот на вчерашниот ден дури и претставниците на власта си упатуваа меѓусебни реплики, односно извршната власт ја бараше одговорноста кај судската, дека му овозможила бегство на поранешниот премиер, кому поради повеќе судски постапки му беше одземен пасошот уште пред една година, но не му беше одреден притвор.

– Размислувам во однос на одговорноста на оние на кои им одредуваат притвор на лицата за кои постои опасност да избегаат. Ги пуштаат слободно да се движат низ државата, слободно да ги извршуваат сите работи и на крајот, кога се носи пресудата, тие не се во притвор за да можат да бидат обезбедени, иако се со повеќе кривични дела. Притвор се одредува за случаи на разбојништво и тешки кражби, а за потешки случаи не се одредува. Полицијата работи исклучиво по наредбите што ги издава судот и таа без наредба не може да следи кого било и постојано да биде присутна со него, околу него само заради тоа што се води судска постапка против него – реагираше министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, уште додека Груевски го немаше објавено статусот на Фејсбук.

Со сличен тон, одговорност од судот за евентуално овозможеното бегство на Никола Груевски, се огласи и министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.

– Одредени судски инстанци одлучуваат за притвор и за многу поситни дела, а како по прашањето на бомбите и по прашањето на одговорност на сите овие злоупотреби, тешко се одлучуваат за притвор. Не можеме како влада да се мешаме во судската власт. Со право ќе бевме критикувани ако МВР реагираше пред да има официјален налог. А, сега треба судството да истражи. Зошто за овие лица тешко одредуваа притвор, а веќе им избегаа одредени луѓе, и зошто им требаше три дена за налогот од суд да стигне во МВР – праша Шекеринска, барајќи одговорност.
Инаку откако не можеше да му се достави судската упатница за пријавување да ја отслужи затворската казна од две години, по пресудата за случајот „Тенк“ (незаконска набавка на службено возило, во вредност поголема од 600.000 евра), беше распишана национална потерница за Никола Груевски.

Но неговиот (непотврден) статус на социјалната мрежа Фејсбук, за неговиот престој во Будимпешта (Унгарија) и намерата за барање политички азил, создава услови за повлекување друг меѓународноправен инструмент – меѓународна потерница.

– Оној момент кога МВР ќе констатира дека тоа лице навистина се наоѓа во Будимпешта и ќе утврди дека се чекирал навистина од таму, тогаш ќе го извести судот со официјален заклучок и дури тогаш Основниот суд Скопје 1 ќе издаде наредба за распишување меѓународна потерница за него – вели претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев, кој укажа и на моментот дека од почетокот на постапката против Никола Груевски, СЈО во ниту еден момент не побарало притвор.

– Притвор за лице за кое се води постапка може да побара само надлежниот обвинител, во случајот СЈО. За случајот „Тенк“, во ниту еден момент од почетокот на истрагата СЈО не побара притвор за Никола Груевски. Имаше пример по истиот предмет кога му ја соопштија пресудата на третиот обвинет Ѓоко Поповски, СЈО веднаш побара мерка притвор и судијата му ја одреди. Повторувам, за Груевски во „Тенк“ никогаш не бил побаран притвор – истакна Џолев.

Во однос на моментот за компромитирање на правната држава со овој случај на потрага и бегство по Никола Груевски, адвокатот Звонко Давидовиќ, смета дека е разочарувачки што повторно политиката влијае на судската власт.

– Предметите што ги отвори и ги води СЈО се од финансиска природа и претставуваат обвинувања за финансиски кривични дела на функционери во време на извршување на нивната функција. Сметам дека кој било функционер треба да одговара за кривично дело што го сторил при извршување на власта. Нивната одбрана дека се работи за политички прогон, не е одржлива, зашто се работи за кривични дела од финансиска природа. Обвинетите партиски функционери треба да престанат да се кријат зад партијата и зад својата функција. Кој било друг да имаше сторено вакви дела за кои се обвинуваат одредени политичари од поранешната власт, по сета спроведена судска процедура, веќе ќе беше на издржување на казната – вели адвокатот Звонко Давидовиќ.


Кои се условите за азил во Унгарија

Марта Пардави, копретседателка на унгарскиот Хелсиншки комитет за човекови права, вели дека според одредбите на унгарскиот закон за азил, апликацијата за азил мора да се поднесе исклучиво во граничната транзитна зона, а апликантите остануваат притворени таму до конечната одлука за нивното барање. Доколку барателот на азил легално престојува во Унгарија, (на пр. без визи, или има виза или дозвола за престој) пријавата може да се поднесе и во канцеларијата за имиграција на друго место. Исто така, според унгарскиот закон, Македонија се смета за безбедна земја на потекло, па оттука, апликацијата за азил нема да се разгледува според критериумите за (не)безбедност, освен ако барателот не покаже дека земјата на потекло е небезбедна за него. 
– Владата на Орбан ја додаде Македонија на својата листа на безбедни трети земји во 2015 година за да може да испрати мигранти, сега тоа ќе предизвика главоболка за неговиот политички сојузник Никола Груевски, кој бара азил во Будимпешта (барем според неговиот пост во ФБ) – вели Пардави. 
Во амбасадата на Република Унгарија во Скопје, никој не одговара на официјалните телефони, за евентуално да ја потврди или демантира информацијата за барањето азил на Никола Груевски. 
 

МНР проверува дали Груевски е во Унгарија

Министерството за надворешни работи вчера во попладневните часови соопшти дека постапува во согласност со своите надлежности и во координација со надлежните институции во земјава, за да се верифицира информацијата во врска со фејсбук-објавата на поранешниот премиер и актуелен пратеник Никола Груевски дека се наоѓа во Будимпешта и оти таму ќе бара политички азил.
– Во врска со наводната информација објавена на фејсбук-профилот на г. Никола Груевски дека тој е во Будимпешта и дека побарал азил во Унгарија, Министерството за надворешни работи, во координација со надлежните институции во Република Македонија, постапува во согласност со своите законски надлежности во насока на верификација на информацијата – се наведува во соопштението.
Министерството нагласува дека веднаш по добивањето релевантни информации во врска со наведеното, јавноста ќе биде соодветно и навремено информирана.
 
Фото: Игор Бансколиев