Збирката на движното културно наследство ФОНД 580 „Браќа Манаки – Битола 1853-1964“, која се наоѓа во Државниот архив – одделение Битола, е прогласена за културно наследство од особено значење, во поткатегоријата исклучително значење. Владата донесе одлука со која на оваа вредна збирка ѝ е овозможено трајно зачувување во изворна состојба; се обезбедуваат поволни услови за опстанок на исклучителната документација и задржување на сите податоци што ги носи со себе како сведоштво. Високиот степен на заштита овозможува ширење на сознанијата за вредностите и значењето на збирката и за нејзината улога во културната идентификација, а се спречуваат и секаков вид дејства, појави и влијанија со кои се врши или може да настане оштетување или деградирање.
Збирката ФОНД 580 „Браќа Манаки-Битола 1853-1964“ содржи документација, фотодокументација и предмети од професионалниот живот на браќата Милтон и Јанаки Манаки или вкупно: 1.253 архивски единици документација со 3.867 листа; 7.041 фотографија позитиви (хартиени копии); 6.702 стаклени негативи (4.951 заведени со описи, 1.751 заведени без описи); 1.071 рол филмови; 2.087 план филмови; 49 единици фото и киноопрема; 1.364 страници научно-информативно средство.
– Збирката, поради својствата како автентичност, реткост, репрезентативност, разновидност, интегралност, зачуваност, старост, втемеленост и припадност, како и поради критериумите уникатност, исклучителност, впечатливост, влијателност, поврзаност и висок степен на автентична зачуваност, е сведоштво за едно време, кое е од поширок интерес за проучување на мултикултурната балканска демографска структура, општествено-економските и културно-историските услови од регионална и од европска важност – се истакнува во образложението.
Со прогласувањето на збирката на браќата Манаки за културно наследство од особено значење, во поткатегоријата исклучително значење, овие над илјада и двесте артефакти добиваат режим на заштита од прв степен, што значи дека доброто ќе добие трајна заштита и систематизација, кои ќе овозможат едукативна програма за општествено-социолошки, културни и историски теми, нејзина дигитализација и можност за истражувачки, публикациски и други репрезентативни потреби, кои вклучуваат јавно користење и достапност на доброто. Одделението во Битола на Државниот архив ќе овозможи поголема вклученост на јавноста и меѓународна афирмација на богатото културно наследство содржано во оваа збирка.