КОШАРКА – СП 2023

Доминиканската Република, Италија (група А), Србија, Порторико (Б), САД, Грција (Ц), Литванија, Црна Гора (Д), Германија, Австралија (Е), Словенија, Грузија (Ф), Шпанија, Бразил (Г), Канада и Летонија (Х) се 16-те репрезентации од вкупно 32, кои се пласираа во втората фаза на Светското првенство (СП) во кошарка за мажи, кое се игра во Јапонија, Филипини и во Индонезија. Изненадување, секако, е елиминацијата на репрезентацијата на Франција, олимпискиот вицешампион и бронзена селекција од минатото СП 2019 во Кина, каде што златниот медал го освои Шпанија, а сребрениот Аргентина, која не игра на СП 2023. Дебитантите Грузија и Летонија се пласираа во втората групна фаза.

По првата фаза, Словенецот Лука Дончиќ е најефикасен играч со вкупно 90 поени на три натпревари. Џош Хокинсон од Јапонија и Еди Таварес од Зелено’ртските Острови се најдобри скокачи, и двајцата со по 36 (12 во просек по меч), а Тремонт Ватерс има најмногу асистенции, 26 (8,7 по средба). Најмногу поени постигна Канада 324 (108 по натпревар), кај скоковите води Литванија со 144 (48), а кај асистенциите Србија со 89 (29,7). Најголем процент на реализација на удари од поле има Србија со 57,2 отсто (111 од 194). Г.И.