Односите меѓу Бугарија и Русија се на најниско ниво во целиот постсоцијалистички период, оцени во интервју за ТАСС руската амбасадорка во Бугарија Елеонора Митрофанова.
– Денес нивото на нашите билатерални односи е најниско за целиот постсоцијалистички период. Официјалните контакти се чисто од ситуација до ситуација, бугарските колеги се јавуваат ако им треба нешто, а нашите повици најчесто ги игнорираат. Нема ни размена на мислења за актуелни прашања од меѓународната агенда. Голем број политичари и медиуми се обидуваат сето негативно што се случува во Бугарија да го поврзат со Русија, објаснувајќи ги новите проблеми со „силното руско влијание“, а во кривичните случаи бараат „руски траги“. Сето ова е фикција, напор да се наметне на бугарските граѓани крајно негативна слика за Русија. Ми се чини дека тоа се уште не е постигнато, па социолошките истражувања покажуваат дека 65 отсто од граѓаните имаат позитивен став кон нашата земја. Најсилната вакцината против негативните ставови е нашата заедничка историја – таа се уште функционира, но времето ќе покаже дали ќе продолжи да дејствува со промената на генерациите – рече Митрофанова.
Според неа, бугарските политичари спроведуваат наредби од Западот, обидувајќи се одново да ја напишат историјата и да укинат сè што е поврзано со Русија, пренесува БТА.
Таа вели дека Софија се обидува да ги ревидира настаните од „руско-турската војна од 1877-1878 година, по која Бугарија се врати на политичката карта на светот, а тоа го прави со укинувањето на статусот на национален празник на Денот на ослободувањето на земјата од османлискиот јарем, што се слави на 3 март“.
– Обидот да се воведат амандмани на Уставот, да се смени националниот празник е поврзан со моменталната ситуација, со обидот да се укине Русија и се што е поврзано со неа. Бугарија сега се обидува да ја следи модата на современиот Запад. Мислам дека ова што се случува е нарачан ентузијазам, обид да се преформатира бугарското општество, да му се помогне да ја заборави својата историја и во исто време да ги одврати од разговорите за актуелните проблеми, проблемите поврзани со градењето на иднината – вели Митрофанова.
Таа истакна дека во 1990-тите и Русија и другите земји од поранешниот социјалистички табор се обиделе да ја ревидираат сопствената историја. Сепак, според неа, руско-турската војна има посебно место во историјата и на Русија и на Бугарија, што овозможува продолжување на соработката, без разлика на политичката ситуација.
– Бугарските политичари, кои се обидуваат да ги уништат спомениците на советските војници, сакаат да нанесат ментална траума на Русија и да ја ревидираат историјата – рече Митрофанова во интервјуто за ТАСС.