Поранешниот американски претседател Доналд Трамп го отпушти својот главен адвокат кој го застапува во Џорџија пред неговото предавање на властите.
Дру Финдлинг, адвокатот кој ја водеше одбраната на Трамп во Џорџија, беше заменет со Стивен Седоу, адвокат од Атланта, кој на веб-страницата е опишан како „специјален советник за бели јаки и одбрана од висок профил“, пишува Танјуг, повикувајќи се на „Си-ен-ен“.
Извор близок до Трамп вели дека Финдлинг не бил отпуштен поради лошо застапување, а лице запознаено со работата на Седоу тврди дека тој е „најдобриот адвокат во Џорџија“.
Адвокатката на Трамп во Џорџија, Џенифер Литл, се очекува да остане во адвокатскиот тим и да соработува со Седоу.
– Бев ангажиран да го застапувам претседателот Трамп во тужбата поднесена против него во округот Фултон, Џорџија. Претседателот никогаш не требаше да биде оптужен. Тој е невин за сите обвиненија што му се покренати. Очекуваме случајот да биде отфрлен или, доколку е потребно, се надевам на непристрасна, отворена порота која ќе го прогласи претседателот за невин – се вели во соопштението на Садоу.
Сослушувањето на Трамп најверојатно ќе биде брзо завршено, бидејќи поранешниот претседател и неговите адвокати претходно преговараа за кауција, а Трамп се согласи на кауција од 200.000 долари и други услови.
Во обвинението од 98 страници поднесено во Џорџија и незапечатено минатата недела, Трамп и уште 18 други соработници беа обвинети за вкупно 41 кривично дело поврзани со напорите да се смени поразот на Трамп на претседателските избори во 2020 година.
Трамп го опиша обвинението како политички мотивиран обид да ја попречи неговата кампања за реизбор во Белата куќа.
– Во четврток ќе одам во Атланта, Џорџија за да бидам уапсен – рече Трамп во вторникот, отфрлајќи ги сите обвиненија против него.