ФУДБАЛ
Анри назначен за селектор на две репрезентации
Поранешниот француски напаѓач Тиери Анри е назначен за селектор на репрезентацијата на Франција за фудбалери до 21 година, со двегодишен договор.
Легендата на Арсенал, кој со Франција стана светски првак во 1998 година и европски шампион две години подоцна, го наследува Силвен Риполи. Анри (46) имаше два периода како помошник на селекторот во репрезентацијата на Белгија, а на клупско ниво ги водеше и Монако и Монтреал.
Тој ќе ја води и репрезентацијата на Франција за фудбалери до 23 години на Летните олимписки игри во Париз в година, што Француската фудбалска федерација (ФФФ) го опиша како „главна цел“, пишува „Би-би-си“. Анри ќе ја предводи селекцијата до 21 година во квалификациите за пласман на младинското Европско првенство во 2025 година.
ФУДБАЛ – АНГЛИЈА
Артета: Можеби ќе треба да играме со штоперица
Можеби ќе треба да играме со штоперица, се шегуваше тренерот на Арсенал, Микел Артета, откако осум секунди за изведување аут одиграа улога во црвениот картон за Такехиро Томијасу во победата над Кристал палас со 1-0, во англиската Премиер-лига, пишува „Би-би-си“. На судиите им беше кажано да ги намалат губењето време и лошото однесување сезонава, па веќе покажаа 18 жолти картони за неспортско однесување и 14 за губење време. Ако картоните продолжат да се покажуваат со сегашната стапка, ќе има 608 сезонава (лани 174), пишува „Би-би-си“. За овој картон, Каи Хаверц ја имаше топката 15 секунди за изведување аут, пред да му ја предаде на Томијасу, кој токму во моментот кога го изведуваше, осум секунди подоцна, доби жолт картон. Малку подоцна тој доби втор жолт картон поради помал прекршок над Џордан Ају.
– Ова се новите стандарди. Можеби ќе треба да играме со штоперица. Во ред е, победивме, среќен сум. Новите правила се една работа, начинот на кој се комуницира е многу различен, но ќе се приспособиме – изјави Артета.