Обидите за прикажување посветеност кон одредена работа за која извршната власт се нафатила, но не може да ја заврши, со нудење оставка на премиерот со услов, се уште едно дезавуирање на демократските процедури и институциите. Наместо со нормални избори и спроведување на регуларната процедура за избори, со ваквата практика на нешто што е дури принципиелно пониско од примордијално пазарење само се манифестира дека официјалните политичари не ги третираат институциите и не ги разбираат демократските процедури, тврдат нашите извори. Со ваквото однесување само ѝ покажуваме на ЕУ дека имаме дисфункционални институции! И тоа не кои било институции, туку највисоката законодавна институција – Собранието и институцијата на извршната власт – Владата
Што значат зачестените „понудени оставки“ на политичкиот жртвен олтар
Започнувањето на собраниската процедура за уставни измени, која е доведена во фаза на деловничко-политички маневри до гласање на посакуваниот резултатот од предлагачот на измените, т.е. Владата, генерира политички амбиент во Македонија што ги доведува во прашање сериозноста и познавањето на демократските процедури, како и (не)почитувањето на институциите, токму од страна на оние што се избрани да ги спроведуваат.
Во уште едно настојување да ги убеди пратениците од опозицијата да го дадат својот глас за прифаќање на влезот на Бугарите во македонскиот устав, премиерот Димитар Ковачевски понуди уште една опција за која е дискутабилно и колку е легитимна, покрај тоа што исто така е прашање колку е политички пристоен аргумент, или отстапка што ја нуди. Имено, Ковачевски ѝ предлага на опозицијата дента кога ќе бидат изгласани уставните измени, тој да поднесе оставка и да се распишат избори.
– Ниту еден човек не се родил за да биде премиер. Тоа е голема чест и одговорност, да спроведеш визија на граѓаните да живеат подобро и да бидеш искрен со нив. И ако го погледнете моето експозе, за потребата од усвојување уставни измени, јас таму бев апсолутно искрен, што добиваме со ЕУ.
Јас јавно кажав дека дента кога ќе ги изгласаме уставните измени, јас ќе поднесам оставка и ќе одиме на избори – кажа Ковачевски во едно медиумско интервју за време на викендот по одржувањето на пленарната седница за уставни измени.
За ваквата „понуда“ на премиерот, која веројатно тргнува од перцепцијата дека на опозицијата ѝ е важно по секоја цена „ден порано да дојде на власт“, универзитетската професорка Билјана Ванковска, во свој стил, директно, бескомпромисно аргументирано, укажува дека за предвремени избори сепак не е доволна премиерска оставка.
– Дали не знае или нѐ прави будали кога вели дека по изгласувањето на уставните амандмани би дал оставка и би оделе на избори. За предвремени избори е потребно мнозинство во парламентот, а не премиерска оставка! Тој „заборавил“ дека токму поради тоа стана премиер откако З.З. даде оставка, без да оди на избори. За манипулациите со Деловникот на Собранието од Џафери не ми се ни зборува – тоа е само доказ дека ние немаме уставно заснована држава. Ова е башибозук! На ова додајте го молкот околу модуларната болница, образот ѓон, а и никој не ги гони одговорните. Само да потсетам: власта се дели на законодавна, извршна и судска! Која функционира кај нас? Прашањето е реторичко – реагира професорката Ванковска.
Колку што се скратува временскиот период до редовниот термин за парламентарни (па и претседателски) избори, се чини дека од политички аспект, понудата за премиерска оставка губи од „атрактивност“ за опозицијата. Вакви понуди, за излегување од Владата на коалицискиот партнер ДУИ, со услов за гласање на уставните измени, веќе помина како уште една блефирачка игра во македонскиот политички амбиент. Колку и да се прикажуваат како прифатлива политичка стратегија ваквите блеферски игри меѓу политичките субјекти во Македонија, наводно за постигнување на целта – влез во ЕУ, иронично, но се создаваат практики што се речиси во целосна спротивност на демократските стандарди и вредности што ЕУ ги бара од Македонија.
– Ваквите обиди за прикажување посветеност на некоја работа што извршната власт се нафатила, но не може да ја заврши, со нудење оставка на премиерот со услов, се уште едно дезавуирање на демократските процедури и институциите. Наместо со нормални избори и спроведување на регуларната процедура за избори, со ваквата практика на нешто што е дури принципиелно пониско од примордијално пазарење, само се манифестира дека официјалните политичари не ги третираат институциите и не ги разбираат демократските процедури. Ако премиерот, т.е. Владата, мислат дека не можат да ја завршат работата за која се нафатиле, нека дадат оставка во Собранието, наместо да си поигруваат со демократските процедури и да се исмеваат со институциите, па и елементарната интелигенција на граѓаните. Наместо да чекориме кон ЕУ, со вакво однесување само ѝ покажуваме на ЕУ дека имаме дисфункционални институции. И тоа не кои било институции, туку највисоката законодавна институција – Собранието и институцијата на извршната власт – Владата. За да нѐ сфатат сериозно како држава во ЕУ, мораме стриктно да се придржуваме до правната функционалност на институциите – вели универзитетската професорка Мирјана Најчевска.