Со ескалирање на климатската криза, температурите драстично растат на светско ниво, поради што во ризик се милиони луѓе, а се влошува и квалитетот на воздухот. Жештината не само што е непријатна туку и е закана за здравјето и воздухот. Поради тоа, градовите треба да се приспособат на новонастанатите услови, смета Алистер Волш од „Дојче веле“
Мерки за борба против екстремните жештини во урбаните средини
Температурите на северната хемисфера уриваат рекорди, а екстремни смртоносни горештини беа регистрирани во земји од САД и Кина до Јапонија, Италија и Шпанија. Во Кина, локалните медиуми објавија нови температурни рекорди од 52 Целзиусови степени во северозападниот дел на земјата. Во меѓувреме, јапонските власти прогласија „аларм за топлински удар“ и повикаа милиони луѓе да се заштитат од високите температури. Во САД, жештината погоди 80 милиони луѓе.
Ако климата се загрее драстично, што е можно сценарио според сегашните политики, околу 3,3 милијарди луѓе би можеле да се соочат со такви екстремни температури до крајот на векот, според студијата објавена во списанието „Нејчр сустеинабилити“ во мај. Студијата, предводена од научниците од Универзитетот во Ексетер, Велика Британија, и од универзитетот „Нанџинг“ во Кина покажа дека 60 милиони луѓе веќе се изложени на опасни нивоа на топлина, кои се карактеризираат со просечна температура од 29 Целзиусови степени или повисока.
Метеоролозите открија дека силните топлински бранови во САД во јуни биле пет пати поверојатни поради климатските промени, додека температурите од 40 Целзиусови степени во 2022 година во Велика Британија би биле практично невозможни без планетарното загревање. Лани горештините биле кобни за повеќе од 60.000 луѓе само во Европа. Но зошто топлината е толку опасна за луѓето и како земјите можат да ги подготват своето население и градовите за да се справат со сè почестите топлински бранови?
Како влијае жештината на човечкото здравје?
Топлинските бранови може да резултираат со појава на низа болести, па дури и смрт, според Светската здравствена организација (СЗО). Тие вклучуваат топлински удар и хипертермија. Температурните екстреми исто така ги влошуваат хроничните состојби и имаат индиректни ефекти врз преносот на болести, квалитетот на воздухот и критичната инфраструктура. Посебно ранливи на повисоки температури се постарите лица, доенчињата и децата, бремените жени, работниците на отворено и физичките работници, спортистите и сиромашните.
Ограничувањето на затоплувањето од 1,5 Целзиусов степен над прединдустриските нивоа според Парискиот договор сепак ќе изложи 400 милиони луѓе на опасни нивоа на топлина до крајот на векот, покажа студијата објавена во „Нејчр сустеинабилити“. Луѓето што живеат во Индија, Судан и Нигер ќе бидат силно погодени од затоплување од дури 1,5 Целзиусов степен, но порастот од 2,7 Целзиусови степени ќе има огромни ефекти врз земјите како Филипини, Пакистан и Нигерија.
Како можат луѓето да се заштитат од горештините?
Претходните студии покажаа дека градовите се особено ранливи на опасни покачувања на температурата, поради „ефектот на топлинскиот остров“. Зградите, патиштата и инфраструктурата ја апсорбираат и зрачат сончевата топлина повеќе од природните средини, како шумите и водите, зголемувајќи ги урбаните температури за дури 15 Целзиусови степени во некои случаи, во споредба со руралните области.
Градовите низ светот воведуваат нови шефови за справување со жештините. Една од нив е Кристина Хуидобро, која ја презеде функцијата во главниот град на Чиле лани во март. Таа смета дека решенијата и начинот на пристап се локални. Сепак, Хуидобро истакна дека сите нашироко следат тристрана стратегија – подготвеност, свесност и адаптација. Подготвеноста може да вклучува категоризирање на топлинските бранови на ист начин како и другите природни катастрофи или поставување праг за тревога за да се активира одреден градски одговор. Второ, кревањето на свеста е неизоставен дел од стратегијата. Третиот дел е адаптација на градот на новата реалност на високите температури, во голема мера преку создавање повеќе зелени површини во градот.
Сантијаго штотуку започна проект за урбано пошумување за да засади 30.000 дрвја низ градот и да развие стратегии што ги третираат дрвјата како дел од урбаната инфраструктура. Но, садењето дрвја не е толку лесно како што мислат луѓето. Исто така не е моментално решение за урбаната топлина, бидејќи на дрвјата им треба време да растат.
Американските градови против екстремните горештини
САД, каде што претходните студии покажаа дека 12.000 луѓе годишно умираат предвреме од топлина, досега назначија тројца шефови за справување со горештините во Феникс, Мајами и Лос Анџелес. Калифорнискиот град Лос Анџелес, кој е рангиран како најподложен на природни катастрофи, вклучувајќи ги и топлинските бранови, неодамна започна кампања за изградба на повеќе „отпорни центри“ што овозможуваат сенка и ладење и се напојувани од обновливи извори на енергија во заедниците со висок ризик. Веќе има мрежа на центри за ладење главно во библиотеките, каде што луѓето можат да ја избегнат топлината. Се работи и на систем за рано предупредување за топлински бранови.
Феникс подготвува голем број адаптации, вклучувајќи и изградба на тротоари за ладење со специјален изолатор што го рефлектира сонцето. Изолаторот ги прави тротоарите за неколку степени поладни на допир и го одржува ноќниот воздух поладен.
Мајами планира големи урбани кампањи за садење дрвја, а исто така потроши милиони долари на клима-уреди за жителите на јавните станови додека обезбедува финансиска помош за покривање на сметките за енергија на домаќинствата со ниски приходи. Но Хуидобро од Сантијаго рече дека климатизацијата е генерално последно средство за адаптација поради нејзините влијанија врз климата. Сантијаго сака да засади 33 „џебни шуми“, кои би се користеле како климатски засолништа, особено во близина на училишта и здравствени установи. Тие се алтернатива на климатизираните центри за ладење што се развиваат во САД и во Европа.