Уште многу одамна Ото фон Бизмарк, татко на обединета Германија, прв нејзин канцелар и ненадминат мајстор на политиката и на геополитиката, има изјавено дека „политиката е уметност на можното“. Во овие пресудни и историски моменти за Македонија, кога се одлучува за нејзината судбина и иднина, токму сега е вистинскиот момент и Македонија да се повика на Бизмарк и да се обиде да извлече максимум и навидум невозможното да го претвори во уметност на можното. Кое е тоа оптимално и најфер решение, кое обезбедува 120 гласа во Собранието, но истовремено нуди и заштита на Уставот и брза евроинтеграција

ДЕНЕСКА ПОЧНУВА ПАРЛАМЕНТАРНАТА СЕДНИЦА ЗА ПРОМЕНА НА УСТАВОТ

Во македонското собрание денеска започнува седницата за измените на Уставот, прашање околу кое во изминатиот период се кршеа копјата меѓу власта и опозицијата, што предизвика широка полемика и меѓу граѓаните и стручната јавност. Позициите на власта и на опозицијата се главно познати и од нив и двата блока засега не отстапуваат. За партиите од власта уставните измени и внесувањето на Бугарите во Уставот се неопходни за да продолжи процесот на наша евроинтеграција, додека за опозицијата се неприфатливи уставни измени во сегашните околности и под бугарски диктат. При едни вакви зацементирани позиции се чини како невозможна мисија каков било обид за приближување на ставовите. Но во политиката ништо не е невозможно, дури напротив.
Уште многу одамна Ото фон Бизмарк, татко на обединета Германија, прв нејзин канцелар и ненадминат мајстор на политиката и на геополитиката, има кажано дека „политиката е уметност на можното“.
Оваа негова изјава стана своевидна дефиниција за политиката што и ден-денес ја користат и практикуваат многу европски и светски политичари. Во овие пресудни и историски моменти за Македонија, кога се одлучува за нејзината судбина и иднина, токму сега е вистинскиот момент и Македонија да се повика на Бизмарк и да се обиде да извлече максимум и навидум невозможното да го претвори во уметност на можното. Кое е тоа оптимално и најфер решение, кое обезбедува 120 гласа во Собранието и истовремено нуди и заштита на Уставот и брза евроинтеграција? Можеби некому ќе му звучи само како хипотеза, но ниту Бизмарк ниту куп други европски и светски политичари сигурно не би се согласиле со тоа.

Промена на фокусот на дебатата

Прво и основно е да се промени фокусот на претстојната политичка дебата во Собранието и воопшто во јавноста. Така, наместо слепо и исклучиво кон промена на Уставот, фокусот на политичката дебата да биде насочен кон ЕУ, односно кон непринципиелните и антиевропски услови, кои не ѝ се само однадвор наметнати на Македонија, туку постојат и елементи на автогенерирање и прифаќање на (ирационалните) услови. Нашата држава конечно пред ЕУ мора да ја отвори темата за преседаните на кои е изложена. Тоа е многу поважна и посуштинска тема од Уставот. Да проговориме за вметнатите бугарски уцени и билатерални прашања во преговарачката рамка.
Некој ќе каже дека сега тоа е невозможно, но тоа е само блед изговор за оние што не сакаат ниту да се обидат и кои се навикнати секогаш да одат по линијата на помал отпор.
Впрочем, токму европските искуства покажуваат дека во политиката сѐ е можно. Доволно е да се земе само примерот со Србија, која успеа да ја промени преговарачката рамка и да издејствува во неа да бидат додадени делови што ѝ одговараат. Зошто и Македонија да не се обиде да го направи тоа?
Да издејствуваме од преговарачката рамка да отпаднат сите билатерални и антиевропски услови и во неа да останат само Копенхашките критериуми.
Токму тоа би требало да биде фокусот на претстојната дискусија во Собранието и кохезивно ткиво околу кое би требало да се обединат сите народни избраници. Зашто заштитата на македонските национални интереси и евроинтеграцијата се приоритет за сите. Ако е така, треба да се сврти тезата поинаку и наместо за промена на Уставот, што води кон меѓусебно напаѓање и оцрнување, сите 120 пратеници да побараат рамноправен и фер однос од ЕУ, без уцени од Бугарија за нашата евроинтеграција.
– Преговарачката рамка не е Библија и не е врежана во камен, тоа го покажува и примерот со разговорите со Србија и Косово. Тезата дека не може да се промени е само изговор за инертни и безидејни политичари, на кои најважно им е да не ја нарушат својата комоција.
Но примерот на Србија и Косово кажува нешто сосема друго. ЕУ и САД јасно порачаа дека тоа што го договориле Албин Курти и Александар Вучиќ во Охрид ќе биде додадено во преговарачката рамка за Србија. Значи, ако се сака, се може – велат дипломатите.
Според нив, токму подобрувањето на преговарачката рамка за Македонија, на начин што ќе се издејствува таа да не биде повеќе обременета со билатерални прашања што не се никаков европски критериум, би било дополнителна европска вредност и во интерес на сите. И на ЕУ и на Македонија, па и на Бугарија. Со еден таков потег добиваат сите, додека како што сега стојат работите губат сите. Што е подобро, лесно е да се воочи.
Зашто токму преговарачката рамка и Договорот за добрососедство се најмоќното оружје на Бугарија за остварување на нејзините децениски соништа за асимилација на Македонија под плаштот на Европа! Таа опасност мора да се отстрани и веројатно во следниот период е неопходно посилно меѓународно лобирање токму во таа насока, сметаат дипломатите.
И политичките аналитичари се на ставот дека треба да се преработи преговарачката рамка и од неа да се отстранат билатералните прашања наметнати од Бугарија, при што рамката да биде во согласност со европските принципи и стандарди. Истото мислење го делат и дел од политичките субјекти во државата. Останува само тоа да се рефлектира и преку претстојната собраниска дебата и да се извлече како заеднички став на сите пратеници. Има ли капацитет македонското собрание да го направи тоа?

Хрватско-словенечкиот рецепт да се примени и за Македонија и Бугарија

Следната теза што исто така заслужува внимание, како предлог за претстојната дебата во Собранието, е повикувањето на искуството меѓу Хрватска и Словенија.
Тие меѓусебниот билатерален граничен спор го надминаа и сѐ уште го решаваат од позиција на рамноправни партнери и членки во ЕУ. Словенија се согласи да не го блокира членството на Хрватска во ЕУ и без претходно решен спор, со аргументи дека тоа не е израз на добрососедство, дека подобро е Хрватска прво да влезе во ЕУ, па потоа на рамноправна основа да се надминат меѓусебните билатерални разлики. И тоа е токму тој европски манир, европска вредност, европски начин на дипломатија на кој треба да се угледа и Бугарија. Или можеби треба некој да ѝ укаже?
И Македонија може да ги решава билатералните прашања и спорови со Бугарија откако ќе станеме полноправна членка на ЕУ, по примерот на Хрватска и Словенија. Тоа би бил нов импулс и вистински израз на добрососедство, посилно од сите претходни договори и по европски модел. Впрочем, отворени меѓусебни билатерални прашања претходно имаа и други земји-членки на ЕУ, но тоа воопшто не се одрази на нивната евроинтеграција. Еве уште еден фокус за претстојната собраниска дебата од која може да произлезе уште еден заеднички заклучок, токму повикувајќи се на искуството на Хрватска и Словенија, но и редица други примери.
Има ли капацитет македонското собрание и ова да го направи?