Мораме да ги промениме нашите навики. Мораме да го промениме начинот на кој одлучуваме да ги организираме ЛОИ или светските првенства. Во спротивно луѓето нема да прифатат различни правила за големи настани и нормален живот, па затоа го поставивме нивото на амбицијата многу високо во однос на одржливоста и за да пренесеме порака, рече Естанге, трикратен олимписки шампион во кану и шеф на ЛОИ 2024
Шефот на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз во 2024 година, Тони Естанге, вели дека сака Игрите в година да бидат „нов модел“ за организирање ЛОИ. Организаторите сакаат Игрите да бидат „спектакуларни и одржливи“, пишува „Би-би-си“. На една година до почетокот на ЛОИ, Естанге вели дека Париз може да му покаже пример на остатокот од светот.
– Сакаме да покажеме дека Париз и Франција можат да одржат Игри на поинаков начин отколку во минатото. Мораме да бидеме ангажирани во нов модел за Игрите – изјави тој за „Би-би-си“.
Организаторите ја ставија одржливоста во првите редови на нивните планови со цел да имаат емисии за 50 отсто пониски од Игрите во 2012 и во 2016 година. Тие сакаат да развијат нови начини на работа и да донесат „нова ера во организацијата на ЛОИ и на Параолимписките игри (ПОИ)“.
– Мораме да ги промениме нашите навики. Мораме да го промениме начинот на кој одлучуваме да ги организираме ЛОИ или светските првенства. Во спротивно луѓето нема да прифатат различни правила за големи настани и нормален живот, па затоа го поставивме нивото на амбицијата многу високо во однос на одржливоста и за да пренесеме порака. Имаме планови за фантастична прослава, истовремено покажувајќи дека е изводливо да се намали јаглеродниот отпечаток за половина, бидејќи во спротивно иднината на Игрите ќе биде во опасност и треба да покажеме дека уште е можно да го оствариме тоа – рече Естанге, трикратен олимписки шампион во кану.
Игрите широко ги користат постојните и привремените објекти во Париз, а потребни беа само два градежни проекта, за олимпиското село и центарот за водни спортови.
Олимпиското село користи различни иницијативи со ниска содржина јаглерод, вклучувајќи и употреба на одржливо дрво наместо челик за структурната рамка на зградата, а Центарот за водни спортови има конкавен покрив, намалувајќи го просторот на областа што има потреба од греење. Сепак, имаше критики за одлуката да се одржи натпреварот во сурфање на Тахити, 15.700 км и 22-часа лет од француската престолнина, пишува „Би-би-си“.
– Сакаме да бидеме првите Игри што ќе бидат целосно усогласени со Парискиот договор. Во однос на климатските амбиции, тоа е многу важно – рече Георгина Гренон, претседателка на еколошката извонредност на ЛОИ 2024.
Договорот ги обединува речиси сите земји во светот, првпат, во една единствена цел да се намалат емисиите на стакленички гасови, кои предизвикуваат глобално затоплување. Беа постигнати договори за „продолжување на напорите“ да се ограничи порастот на глобалната температура на 1,5 степен и да се задржат „многу под“ два степена над прединдустриското време.
– Ова беше дел од еден поинаков начин на организирање на Игрите за да бидат поодржливи. Најважно е да се намалат емисиите. Настанот го гледаме како лабораторија за иновации за барање решенија како да се намалат емисиите и потоа тие намалувања да останат во наследство. Сметаме на сите, спортистите и гледачите, да ја одиграат својата улога – рече Гренон. Н.М.
Први ЛОИ со 100 отсто обновлива електрична енергија
Георгина Гренон, претседателка на еколошката извонредност на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз во 2024 година, рече дека ЛОИ 2024 ќе бидат првите игри што ќе користат 100 отсто обновлива електрична енергија, споредувајќи ја со четири милиони литри дизел за ЛОИ 2012 што се искористени за напојување на генераторите, пишува „Би-би-си“. Три земји веќе се договорија да ги испратат своите спортски делегации со воз, Холандија, Белгија и Велика Британија.