Компанијата „Корсторфин и Рајт“, со помош на инженерите на „Симетрис“, го трансформира бетонскиот бункер од Втората светска војна во фантастична куќа за одмор.
Бункерот се наоѓа во јужниот дел на Англија и го користела Велика Британија како дел од заштитата од нападите на германскиот Луфтвафе. Влезе во употреба на почетокот на 1941 година, беше наречен „Бункер на предаватели“ и беше дел од британскиот радарски систем „Чејн хоум“. Ова, всушност, беше една од првите радарски мрежи за рано предупредување и беше прекината во 1956 година. Сега е внимателно редизајниран и претворен во летна куќа.
Дизајнот на бункерот е целосно уникатен и не содржи стандардни детали. Најпредизвикувачкиот дел од дизајнот беше напорот да се задржи оригиналниот внатрешен бетон, но и да се направат изолација и хидроизолација. Единствената опција беше целосно да се соголи структурата на бункерот, да се направат изолација и хидроизолација однадвор, а потоа да се врати почвата и да се посее трева. Предизвик беше и дупката во јужниот дел, која е покриена со стакло.
Површината на бункерот е 60 квадратни метри, опремен е со камин, има бања, две спални соби и трпезарија, а гостите се повеќе од задоволни.
– Го резервирав бункерот како изненадување за мојот сопруг, кој закрепнува од тешка болест. Тој има големо воено знаење, ги сака војската и историјата на морнарицата, па мислев дека оваа идеја е совршена. И беше. Бункерот нуди убав поглед на околината и морето, го напуштивме само еднаш поради кратка прошетка. Седевме во градината, ги гледавме природата и животните, како и месечината над морето. Бункерот беше исклучително чист и подготвен за нас. Кујната е мала, но добро дизајнирана, а мебелот е многу удобен – изјави една гостинка.
Две ноќевања во бункерот чинат 702 фунти и речиси се резервирани до крајот на октомври.