„Кајмак“, најновиот филм на Милчо Манчевски, го очекува американска премиера, на 33-то издание на фестивалот „Синеквест“ во Калифорнија, од 15 до 30 август. Тоа е еден од најголемите и најреномирани независни фестивали на американскиот континент, а специфичен е по програмата што поддржува иновативни и креативни уметнички дела. Се одржува во Сан Хозе и Редвуд Сити во Силициумската Долина, седиште на најголемите технолошки гиганти („Фејсбук“, „Епл“, „Твитер“, „Нетфликс“, „Зум“, „Линкдин“).
Токму на „Синеквест“ пред три години „Врба“ на Манчевски беше крунисан со наградата за најдобар филм и беше претставен како „филм што нема да го заборавите“.
Минатиот месец „Кајмак“ ја имаше и данската премиера во Копенхаген.
– „Кајмак“ е еден од македонските филмови со најширок пласман во светот. Тој е продаден за редовна дистрибуција во педесетина земји од Европа, Северна Америка, Јужна Америка, Централна Америка, Карибите – од Аргентина, Бразил и Мексико до Грција, Кипар и Холандија, од Јамајка, Аруба, Барбадос до Албанија и Бугарија; од Парагвај и Хаити до Суринам, Гвајана и Ст. Китс и Невис… Понатамошниот процес на пласман е во тек – велат од продукцијата.
„Кајмак“ ја имаше светската премиера на фестивалот во Токио (А-категорија), потоа продолжи со фестивалска турнеја во Тајпеј, Португалија, Италија, Бугарија, Србија и други, каде што беше поздравен со неколкуминутни стоечки овации и голем број написи во локалните медиуми. „Кајмак“ ја освои специјалната награда на жирито на фестивалот „Фантаспорто“ во Португалија.