На СП очекував многу, но чувствував и голем притисок поради обврската да ги исполнам очекувањата на, па, ете, не се покажав во најдобро светло, вели каратистот Емил Павлов
Македонските каратисти и каратистки во борби и во кати (поединечно и екипно) не успеаја да се закитат со медал на 24-то Светско првенство (СП) во Мадрид (Шпанија) и со тоа да го повторат успехот од СП во Белград 2010, кога Жарко Арсовски (во борби) освои бронза, што е единствен медал досега од СП. На СП, на кое учествуваа 1.251 каратист од 140 држави, од Македонија 13, најдалеку отидоа Азиз Исмаил (до 75 кг) и Берат Јакупи (до 84 кг), кои ги загубија борбите за пласман во полуфиналето, а потоа не добија шанса за репасаж.
Сепак, машката селекција во борби (Арсовски, Несторовски, Заборски, Исмаил, Јакупи, Петков и Павлов) го освои 7-то место, што е досега најдобар пласман на СП, победувајќи ги со по 3-0 Израел, односно Бразил, но потоа загуби од фаворитот Турција (1-3), а во репасажот и од силната Јапонија (0-3).
– На СП дојдов како актуелен европски првак, очекував многу, но и чувствував голем притисок поради обврската што да ги исполнам очекувањата на многумина, па, ете, не се покажав во најдобро светло. Имав иницијатива во мојата борба, но загубив со 0-1, со поен во последните 10 секунди. Но таков е спортот, имав успешна полусезона, а вториот дел ми е послаб. Но не се откажувам од олимпискиот сон, имам уште шанси да бидам дел од ОИ, иако сега ќе биде потешко. Екипно, отсекогаш сме имале добар состав, седмото место е успех, но оваа селекција може и заслужува подобар пласман – вели репрезентативецот Емил Павлов.
СП беше голема шанса за доближување до ОИ 2020, за кои бодувањето почна од Азиските игри, а продолжи со Премиер-лигата.