Рељиќ со тренерот Ефтимов на турнирот во Анкара

ТАЕКВОНДО – Г2-ТУРНИР ВО АНКАРА

Бронзениот медал ѝ донесе 7,2 поени, па моментно Мила е на деветтата позиција на светската ранг-листа, а на олимписката е 35-та. Се бориме да влеземе во првите 32 на олимписка листа, за да учествуваме на гранпри-натпреварите, а тие се четири во текот на годината и секој од нив носи по 60 поени, вели нејзиниот тренер Ефтимов

Македонската таеквондистка, членка на клубот Тигри и репрезентативка, Милијана Рељиќ, предводена од својот тренер Александар Ефтимов, постигна одличен успех, освојувајќи бронзен медал (категорија до 62 кг) на Отвореното првенство во Турција во натпревар од Г2-серијата на Светската таеквондо-федерација.

Рељиќ во првото коло беше слободна, поради одличната позиција во рангирањето, во второто коло ја победи домашната натпреварувачка Румјеса Мазгал со 2-0 во рунди, во борбата за медал таа беше подобра од извонредната Иранка, Париза Кучаксареи Жавади, со 2-1 во рунди, а во полуфиналето поради обновена повреда на ногата, Рељиќ не ги одмери силите со Американката Макајла Гринвуд. Сепак, во конкуренција на 29 натпреварувачки во Турција, ова е значаен успех, оти на Рељиќ ѝ донесе и нови олимписки поени.

– Бронзениот медал ѝ донесе 7,2 поени, па моментно Мила е на деветтата позиција на светската ранг-листа, а на олимписката е 35-та. Се бориме да влеземе во првите 32 на олимписка листа, за да учествуваме на гранпри-натпреварите, а тие се четири во текот на годината и секој од нив носи по 60 поени. Првиот во Рим во јуни го испуштивме за 0,83 поени, односно за една позиција. Следните гранпри-турнири се во Париз во септември, во Кина во октомври и во Манчестер во декември. Поените од натпреварите на овие турнири се дополнителни, надвор од натпреварите во Г1 и Г2. Проблем е што Мила е млада и само две години собира поени, додека другите собираат и им се пресметуваат поени и од минатите олимписки игри. Но штом еднаш влеземе на гранпри-натпреварите, повеќе поени ќе се собираат за олимписката ранг-листа. Очекувам да влеземе за гранприто во Париз – вели Ефтимов.

Рељиќ се надева дека на 1 септември ќе настапи на гранприто во Париз.
– Турнирот во Анкара, кој е еден од најсилните турнири во Европа, наедно беше и последен за овој дел од сезоната. Сега следува период од шест недели без турнири и краток одмор до следниот, во кој се надевам дека ќе нѐ регистрираат за гранприто во Париз на 1 септември. Тоа ќе ми биде и прв гранпри-турнир за кој собиравме поени овие две години да влеземе меѓу најдобрите 32 на олимписката ранг-листа – вели Рељиќ.

Според Ефтимов, конкуренцијата во Анкара била силна.
– Конкуренцијата беше извонредно силна. Во нашата категорија прва беше Американката Макајла Гринвуд, светска шампионка од Мексико во 2022 година, втора беше Гркинката Фани Цели, седма на Летните олимписки игри во Токио. Едниот бронзен медал беше освоен од Мила, а другиот од Канаѓанката Леонарда Андриќ, која двапати беше златна на Париз Г2 опен и еднаш на Британскиот Г1 опен во 2023 година. Малку ми е криво што не се боревме со Американката, ќе ја добиевме и неа, оти формата на Мила ѝ е најдобра досега. Повредата што ја обнови, ја влечеше од Полска, на последниот меч против Британката Ајала Поуел во борба за бронзата на Европските игри пред две недели. Два-три дена не тренираше, но сега во дуелот со Иранката повторно го удри палецот на ногата и не можеше да се движи. Ова е вторпат во кариерата на Мила да откаже борба поради повреда, оти многу е цврста и трпи болка – вели Ефтимов.

На Летните олимписки игри настапуваат вкупно 16 таеквондисти/ки во една категорија, и тоа првите шест на олимписката листа и по две од квалификациите од секој континент. Г.И.