Уривање на уставниот (економски) поредок

Очигледно е дека во сите овие изминати години отсуствува силно манифестирана политичка волја за спречување на „сивите“ економски текови, кои го спречуваат и општиот раст на националната економија. Конечно треба да ја надминеме лажната слика од изминатите децении дека со сивата економија ја спречуваме социјалата во државата. Последиците се видливи за граѓаните, кои се незадоволни од високата корупција во државата и од квалитетот на услугите што ги добиваат од централната и од локалната власт, додека фирмите, оние од регуларната економија, сѐ повеќе го губат чекорот на глобалниот пазар, во кој владее висока конкурентност

Правната заштита на сопственоста и слободата на пазарот и претприемаштвото се едни од многуте темелни вредности на кои треба да почива македонското современо општество. Така барем пишува во Уставот на Македонија, во кој се гарантираат почитување еднакви слободи и права на човекот, еднаквост пред законите и владеење на правото… Во највисокиот законодавен акт има и посебен дел „Основите на економските односи“, во кој се споменува и посебен член со кој се гарантира слободата на пазарот и претприемаштвото. Во него се наведува дека Републиката им обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот и претприемаштвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбрана на Републиката, зачувување на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Споменувањето делови од македонскиот устав во кој се дефинираат економските односи во нашата земја секогаш било ставано во втор план, пред политичките или уште подобро кажано пред (меѓу)етничките теми. Од политичките партии и од разните уставни „толкувачи“ не беа толку жестоко иницирани прашањата што задираат во непочитувањето на основните економските права и слободи и во воспоставувањето реална пазарна економија. Целосната примена на овие вредности ќе значи и подобар економски и пазарен амбиент, во кој секој граѓанин и компанија ќе можат под еднакви услови да учествуваат во создавањето и во распределбата на општествениот производ, раководејќи се од сопствената способност, иновативност и конкурентност на пазарот. Само минатата недела, на македонските граѓани им беа споделени неколку информации за уривање на уставниот економски поредок!

Првиот случај се однесува на настаните во Студеничани и во Слупчане, каде што група граѓани не им дозволија на екипите на ЕВН да пристапат кон трафостаниците, кои се сопственост на приватната компанија. Самоволието на мала група граѓани, кои се обидоа да го заштитат своето „право“ за неовластено користење струја, беше посилно од уставно загарантираното право на заштита на приватната сопственост!? Проблемот со долгогодишните неплаќачи на сметките за струја, што се покриваше под ставката „загуби во дистрибутивната мрежа“, сѐ уште е силно изразен и по петнаесетина години од приватизацијата на енергетската компанија. Тоа што во секоја друга земја, во која еднакво важат законите и се почитуваат принципите на еднаквост на граѓаните и на стопанските субјекти, би се третирало како нарушување на економските слободи и оневозможување на користење на приватната сопственост, кај нас од највисоки претставници на извршната власт се претставува како „проблем на приватна компанија“!

Многу посериозни наводи за нарушување на пазарната економија со години беа изнесувани и од најголемата бизнис-асоцијација во земјата, во која членуваат компании што вработуваат над половина од вработените во Македонија. Минатата недела беа претставени резултатите од истражувањето што беше спроведено од Стопанската комора на Македонија, за сивиот дел во македонската економија. Поконкретно, 33,2 отсто од домашниот бруто-производ (БДП) се создава во т.н. сива економија. Ако се земат податоците за нивото на БДП во 2022 година, таа изнесува фантастични 4,28 милијарди евра. Пресметката понатаму во смисла на изгубени приходи во буџетот покажува годишна фискална загуба од 1,280 милијарди евра. Финансиските и економските штети за државата и за македонските граѓани се огромни. Доколку би успеале како земја да се сведеме на нивото на просекот од ЕУ (со околу 19 отсто сива економија), државата би прибирала најмалку 450 милиони евра годишно поголеми приходи во буџетот. Тоа значи дека толку пари останале во приватни џебови, кои потоа преку црните финансиски канали стануваа дел од регуларната економија. Дополнителна предност за оние што работат во сивата економија е што ги користат сите државни услуги со еднаков квалитет, како и оние што плаќаат даноци. Или поинаку кажано, за помалку „вложени“ средства во државната каса можат еднакво да ги користат инфраструктурните услови, безбедноста од војската и полицијата, здравството, образованието итн. Освен тоа, прикриените приходи претставуваат и солидни финансиски извори за инвестиции, со што сериозно можат да ја загрозат и сегашната пазарна позиција на компаниите од регуларната економија.

Експертите и бизнисмените од белата листа на редовни плаќачи на даноци (нов термин што беше промовиран од претседателот на СКМ) со години предупредуваат на нееднаквите услови во кои се стопанисува во нашата држава. Како позначајни фактори за појава на сивата економија се избегнување на плаќањето на давачките, односно даноците и социјалните придонеси, потоа неефикасната и бирократизирана јавна администрација, долгата процедура за стекнување соодветна документација за градба и добивање разни дозволи, кои ја поттикнуваат корупцијата. Дополнително, сивата економија е поттикната од преголемото учество на готовината во платниот промет. Поради тоа и борбата против сивата економија, која е и главен извор и на корупцијата и на неефикасниот правосуден систем во државата, треба да биде сеопфатна и насочена кон создавање еднакви пазарни услови за стопанисување за сите правни субјекти. Акциите од типот на „Мој ДДВ“ и повиците до граѓаните повеќе да ги снимаат фискалните сметки повеќе служат за промоција на даночните служби, кои треба да бидат главните „борци“ против сивата економија. Досега „скенирањето“ сметки не даде некој видлив ефект врз намалувањето на сивата економија во БДП, за што говорат и презентираните податоци од анализата. Очигледно е дека во сите овие изминати години отсуствува силно манифестирана политичка волја за спречување на „сивите“ економски текови, кои го спречуваат и општиот раст на националната економија. Конечно треба да ја надминеме лажната слика од изминатите децении дека со сивата економија ги спречуваме социјалата и невработеноста во државата. Последиците се видливи за граѓаните, кои се незадоволни од квалитетот на услугите што ги добиваат од централната и од локалната власт, додека фирмите, оние од регуларната економија, сѐ повеќе го губат чекорот на глобалниот пазар, во кој владее висока конкурентност. Крајниот ефект за сите нас е економско и социјално заостанување на Македонија.