Кога позитивната дискриминација станува негативна

Чудно е што во нашата јавност малку внимание се посветува на она што се случува во седиштето на Империјата под чија закрила сме ставени. Полна уста САД, НАТО и ЕУ, а никаков подлабок интерес за тектонските промени во таа (политичка, социјална, културна, па и воена) зона. Овдешната идеја за „припаѓање“ и приближување кон Западот е толку апстрактна и бајковита што нема никаква врска со реалноста. Можеби и не е за чудење, со оглед на секојдневните скандали, кои тешко се следат (воскреснувањето на рудниците на смртта благодарение на бракот од интерес во владејачката коалиција е само еден од серијата драматични настани; тука е и заканата со Пандорината кутија со која мавта министер за правда што инсистира на етнички предзнаци и жигосување да се знае кој е кој; всушност, цела колумна би ми требало само за набројување на сето она што е далеку од умот и разумот во една забегана полудржава). Во двете претходни колумни се обидов да се дистанцирам од контаминацијата што доаѓа од гнилежот во кој тонеме, а и сега грчевито се борам да ѕирнам надвор од ќенефот во кој сме затворени и заробени.
Но кога ќе погледнеш повнимателно, забележуваш дека нештата овде се само бедна реплика на тие „таму“, во развиениот свет. Понекогаш дури во нашата периферија ветриштата на промените стигнуваат со големо задоцнување или по пат веќе мутирале и овде се интерпретираат на инаков начин (т.е. се адаптираат според локалниот менталитет и околности). Дека американското општество е пред амбис на најдлабока општествена поларизација во историјата беше кажано уште пред година-две од поранешниот претседател Барак Обама (кој, се разбира, не виде никаква своја вина и удел во случувањата, бидејќи дежурен виновник за сè стана Доналд Трамп).

Ако се тргнат настрана геополитичките драми и пресметки во кои е инволвирана Белата куќа, тогаш изјавата на претседателот Бајден дека Врховниот суд на САД е „ненормален“ би требало да вклучи црвен сигнал. Тоа не е обична изјава, па дури не е ни коментар на судска одлука, туку објавување војна на една (извршна) кон друга (судска) гранка на власта. Тензиите во системот на остра поделба на власта се не само очекувани, туку и пожелни – бидејќи само власт може да контролира власт. Идејата е ниту една од нив да не може да се наметне над другата/другите. Историјатот на положбата и улогата на Врховниот суд во американското општество бара подлабока анализа, но за оваа прилика доволно е да се каже дека тој е не само највисоката судска инстанца на федерално ниво, туку и дека врши функција на уставен суд (т.е. на суд што го толкува значењето на уставните одредби). САД имаат еден од најстарите важечки устави во светот (т.е. не го менуваат како кому ќе му текне), но од тие причини во рамките на еден ист уставен систем историски било можно и да постои расна сегрегација и истата таа да се укине како противуставна. Тајната отсекогаш била во судскиот состав, односно во постојаната битка на двете партии да инсталираат „свои“ луѓе, т.е. идеолошки подобни личности што благодарение на доживотниот мандат можеле да вршат и влијание врз политиката (по пат на т.н. судски активизам). Затоа, било потребно да се чека долго во Судот да се создаде такво мнозинство што ќе ја укине расната сегрегација. Сегашната атака врз Судот е затоа без преседан: демократите се борат да ја ограничат моќта на Судот, кој станува пречка за нивните политики, а особено правото на абортус, заштитата на правата на ЛГБТ-популацијата и сл. (Дел од одлуките не ги поддржувам, но владеење на правото е и почитување на Врховниот суд и кога носи лоши одлуки).

Последната одлука (која треба и нас да нè замисли поради рамковниот принцип на „правична застапеност“) е укинувањето на толку прославената политика на афирмативна акција, т.е. позитивна дискриминација, особено во сферата на образованието. Врховниот суд одлучи дека расната припадност не смее да биде фактор при приемот на студенти на универзитетите, т.е. дека таквата политика е спротивна на принципот на еднаквост на граѓаните пред законот. Со децении американското општество се обидуваше да ги залечи отворените и болни рани од историјата на ропството и расната дискриминација. Позитивната дискриминација создаваше поголема мобилност на припадниците на небелото население до образовните и други позиции во јавниот апарат, но без запоставување на принципот на заслуги (мерит-систем). Инклузивноста требаше да биде крунисана токму со изборот на Обама, но големите надежи спласнаа откако нобеловецот за мир се покажа само како обична реплика на сите други политички марионети на корпоративниот капитал; тој не се ни обиде да внесе нови содржини и елементи на социјална правда. Одлуката на Врховниот суд да ја укине афирмативната акција предизвика земјотрес во политичка и социјална смисла. Длабоката поларизација и сосема различните реакции на истата таа ќе траат долго време и ќе имаат сериозни последици. Оставајќи ги по страна нивните проблеми, креирани од нивните елити со многу стари гревови, се поставува прашањето: колку време е потребно за да се залечат неправдите од минатото? Дали постои пократок пат? Дали позитивната дискриминација (или правична застапеност) по дефиниција носи и позитивни општествено корисни резултати? Идејата на позитивната дискриминација не е (т.е. не би требала да биде) вкоренување на разликите (расни, јазички, етнички, верски) како доминантен критериум; напротив, таа требаше да биде начин за нивно постепено премостување до посакуваната положба на целосна еднаквост на граѓаните во политичката заедница во која нема да биде важно кој од каде потекнува, туку како најдобро може да се вклопи и да биде корисен и доблесен член на заедницата. Зачудувачки е што и покрај сите несомнени резултати што ги постигнало американското поправање на расните и етнички неправди, сепак и натаму има потреба од стимуланси (прогледување низ прсти) за оние што се различни од мнозинството. Посебна анализа е потребна да се види зошто досегашната политика и практика на позитивна дискриминација не довела до заедница што ќе созрее до степен што ќе ги надрасне личните разлики (со нивно почитување, но не и потенцирање). Имаше примери на адаптирање на наставните програми на нивото на оние студенти од маргинализираните заедници на кои им било „тешко да го совладаат материјалот што го учат сите други“. Што е тоа ако не негативна дискриминација, третман што од децата прави интелектуално инфериорни кадри уште во почеток? Всушност, прашањето е: зошто учениците од некои заедници имаат лошо образование уште од прво одделение? Тоа не е расно, туку социјално/класно прашање и никаква позитивна дискриминација не може да го реши.

Македонија (сè уште) не е федерација, но почива на квазифедерален принцип и бинационалност. Веќе 22 години се применува политиката на квоти на сите нивоа на власт и јавни сфери. Ваквото буквално (и брутално) делење на власта нема врска со механизмот на check and balances и е фактички резултат на длабоко партизирано општество во кое етнички партии се пазарат околу делење на колачот. Секоја критика на сметка на ваквиот систем што продуцира гнилеж, а не развој и перспективи, се смета за „латентна албанофобија“ (да го цитирам Бујар Османи). Тоа повторно нè води до предупредувањето да не ја отвораме Пандорината кутија (инакууууу!!!!… чизмите се на таванот), кое доаѓа од врвот на власта.

Кога некој што е вршител на функција или е службеник на шалтер е надвор од сферата на одговорноста (работна, дисциплинска, прекршочна или кривична) – тоа е легализација на беззаконие што се крие зад наводна дискриминација. Тоа деновиве можевме да го чуеме дури и од селаните на Слупчане, кои играјќи на картата на дискриминирани жртви бараа разбирање за тоа што не плаќаат струја (која всушност ја плаќаме сите ние, другите). Во сферата на образованието не можам да ги видам ефектите на позитивната дискриминација при уписот на факултетите – од проста причина што децата ни се поделија од градинка до (етнички) универзитети.

Со ретки исклучоци… како, на пример, едно брилијантно момче на кое му предавам и за кое и заборавам дека е со албанско потекло, кој ги „шие“ другите со знаење и амбиција, зборува подобар англиски и има далеку подобар јавен настап од политичките лидери итн. Всушност, не е единствен – низ генерациите сум ги имала неколкумина, ама во мал број. Позитивна дискриминација или примена на посебни критериуми за ваквите млади луѓе се навреда, бидејќи тие располагаат со неверојатни капацитети. Не им требаат квоти. Партиско-етничките „адути“ се користат на друг колосек (на кој дури и не е потребно солидно образование). Тие дискриминираат и во рамките на „својата“ заедница, а генерално шират убедување дека различноста е истовремено и одлика на супериорност и на жртва (инфериорност). И тука веќе се губи секоја логика, секоја основа за здрава политика на селекција, конкуренција, напредување по заслуги, „ни по бабу ни по стричевима“. Овде некој сите заедно нè прави будали и магариња. А Уставен суд како и да немаме. Етничките разлики се подигнати на ниво на несоборлив канон, а од идеја за заедништво и натпревар меѓу најдобрите нема ни трага. Затоа и ова малку држава што го имаме наскоро ќе згасне.

На крајот, еве ѝ мој одговор на разочараната американската амбасадорка: Како тоа, каде се парите? Па инвестирани се во политичка власт што ќе ги исполнува ВАШИТЕ барања и интереси на сметка на македонскиот устав и елементарните принципи на владеење на правото! Да имаше правен систем сите овие ќе беа по затвори, а немаше да ја имате Македонија како воена база и колонија за „Бехтел и Енка“. Дури и многу евтино сте добиле цела држава.