Фото: Лукашенко/Интернет-страница на белорускиот претседател

Белорускиот претседател Александар Лукашенко денеска изјави дека ќе стави вето на секоја употреба на тактичко нуклеарно оружје што Русија го распоредува на негова територија, додавајќи дека ги убедил западните шпиони да ја пропуштат пратката со боеви глави, пренесе „Ројтерс“.

Претседателот Владимир Путин, кој владее со најголемата нуклеарна сила во светот, во март ги објави плановите за распоредување тактичко нуклеарно оружје во Белорусија, што е прв потег на Москва да распореди такви боеви глави надвор од Русија по падот на Советскиот Сојуз во 1991 година, стои во објавата на „Ројтерс“.

Путин рече дека распоредувањето на оружјето не е во спротивност со Договорот за неширење нуклеарно оружје од 1968 година, бидејќи оружјето ќе биде под руска контрола, исто како што американското нуклеарно оружје во Европа е формално контролирано од Соединетите Американски Држави.

Меѓутоа, Лукашенко изјави дека ќе има право на вето за каква било употреба на руското тактичко нуклеарно оружје, над кое Путин има конечна моќ да одлучува.

– Контролата совршено се спроведува заеднички од Белорусите и Русите – рече тој.

Тој додаде дека е сигурен дека ако Русија некогаш одлучи да употреби нуклеарно оружје, ќе се консултира со својот најблизок сојузник Белорусија.

– Ако јас или нашиот народ или нашата земја не сакаме нешто – тогаш тоа значи дека тоа нема да се случи – рече Лукашенко.

Тој изјави дека никој не сака да ги нападне САД или европските сили со нуклеарно оружје, велејќи дека тоа е само за одбранбени цели.

Федерацијата на американски научници минатиот месец во истражувачка белешка рече дека допрва треба да најде визуелни докази што дефинитивно би укажале на присуство на објект за активно нуклеарно оружје на територијата на Белорусија.