Договорот за сукцесија на поранешна СФРЈ беше склучен во Виена во 2001 година и стапи во сила три години подоцна со потписот на последната земја наследничка Хрватска. Седум анекси за поделба на имотот беа потпишани од тогашната СРЈ, во чиј состав беа Србија и Црна Гора, потоа Хрватска, Словенија, Македонија и Босна и Херцеговина. Најинтересен за јавноста е Анекс Б, односно списокот на дипломатско-конзуларниот имот на поранешна Југославија. До каде е со поделбата на 123 недвижнини, две децении по потпишувањето на Договорот за сукцесија?
Резиденциите, амбасадите и становите во дипломатските квартови ширум светот мораа да се поделат меѓу поранешните републики по распадот на Југославија.
Таа работа му беше доделена на Мешовитиот комитет за распределба на дипломатско-конзуларниот имот, беше дефинирана квота за секоја земја наследничка, па така Босна и Херцеговина доби 15%, Северна Македонија 8%, а Словенија 14% од недвижниот имот. На Словенија, меѓу другото, и припадна зградата на амбасадата во Америка, пишува РТС, пренесува МИА.
„Остануваат уште неколку објекти, овде имаме три категории. Едната е објектот во Москва, комплекс кој е толку голем што тешко се наоѓа решение за него, па засега го користи Србија, но не е во интерес на Белград да го има тој објект во сопственост, туку да се најде решение да се подели. Има друг комплекс, тоа се становите и недвижнините на воените аташеа кои треба да се решаваат во рамките на Анекс Б“, објаснува Дамјан Бергант, амбасадор на Словенија во Србија.
Една од најстарите њујоршки вили, која Југославија ја купила во 1946 година, продадена е за 50 милиони долари во готовина, потврди најголемата агенција за недвижности во САД, компанијата „Даг
Според Договорот, Хрватска доби речиси четвртина од дипломатските претставништва, поточно амбасади, меѓу другото, во Париз, Виена, Хаг, Лисабон, Нов Зеланд и дел од зградата во Брисел.
„Хрватска дојде во сопственост на неколку резиденции – Хелсинки, Осло, Стокхолм, Мадрид, Картум. Добивме и две згради на генералните конзулати на Југославија во Чиле и Торонто. Хрватска остана на својот став дека заедничката комисија треба да се состане што е можно поскоро“, вели Хидајет Бишчевиќ, амбасадор на Република Хрватска во Србија.
На Србија, која доби помалку од 40 отсто од недвижниот имот, досега и се доделени 40 имоти во 25 држави.
„Кога станува збор за распределба на дипломатскиот имот, во интерес на сите е тој процес да се заврши што е можно побрзо. Меѓутоа, има многу проблеми кога станува збор за распределбата на дипломатскиот имот бидејќи понекогаш е потребно да се да направат соодветни проценки и да се пронајде соодветна документација, да се пристапи до соодветните земјишни регистри. Она што останува да се распредели се 16 објекти во 11 држави, од кои најважниот е во Москва, за што претпоставувам дека ќе бидат најтешките преговори“, вели проф. д-р Александар В. Гајиќ, главен правен советник во Министерството за надворешни работи на Србија.
Поранешните југословенски републики четири пати го делеа заедничкиот имот, во 2006 и 2012 година со резолуциите во Загреб, кога беа поделени 29 објекти. Потоа во 2019 година во Белград беа поделени шест недвижнини, а три години подоцна во Сараево беше одлучено кој ќе добие уште пет објекти. Сите земји создадени со распадот на СФРЈ се решени да го поделат имотот до последниот квадрат и долар.
Следниот состанок на Мешовитиот комитет за распределба на дипломатско-конзуларниот имот е закажан за крајот на годинава во Загреб, а сите држави наследнички проценуваат дека работата конечно може да се заврши во следните две години.