Повеќе поранешни функционери се дел од истрагата на Јавното Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција која се води против 15 лица под кодно име „Феникс“. Помеѓу осомничените, покрај македонски државјани има и државјани од Италија, а се сомничат за злоупотреба на службена положба и овластување и перење пари.
Како што информираше обвинителот Љубомир Лапе на денешната прес-конференција, во рамките на истрагата до судија за претходна постапка се поднесени барања за претреси, одземање на имот поради идна конфискација, замрзнување на банкарски сметки и барање за притвор.
– По опсежно спроведена постапка КО.Бр.9/20, по прибавени докази по пат на меѓународна правна помош од пет странски држави, во текот на вчерашниот и денешниот ден, до судија за претходна постапка поднесени се повеќе барања за претреси и барање за привремено одземање на имот заради обезбедување, замрзнување банкарски сметки и удели како и предлози за определување мерки притвор и други мерки за обезбедување присуство на осомничените. Во овој предмет во ОЈО ГОКК се спроведува истражна постапка против 15 физички и седум правни лица, меѓу кои освен македонски државјани има еден државјанин на Италија и три италијански правни лица, поради основано сомнение за сторени кривични дела – Злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 ст.5 од КЗ и Перење пари и други приноси од казниво дело од член 273 од Кривичниот законик – образложи обвинителот Лапе.
Врз основа на прибавените докази, како што дополни, произлегло основано сомнение дека од втората половина на 2007 година до крајот на 2013 година во Скопје, првоосомничениот, искористувајќи ја својата реална моќ како претседател на Владата на Република Македонија и претседател на политичка партија што тогаш била на власт, заедно со своите блиски владини и партиски соработници – заменик претседател на Влада и министер за финансии, државен секретар во Министерство за култура, а подоцна и министер, тогашен претседател на Советот и советник во Општина Центар, градоначалник на Општина Центар и други лица се поврзал со цел остварување политичка и финансиска корист.
Со преземените дејствија, според ОЈО ГОКК, спротивно на член 11 од Законот за финансирање на ЕЛС, со владини одлуки, но без утврдена програма од Влада, преку прво и второ осомничените како овластени предлагачи на Буџетот на Република Македонија кои умислено планирале и предлагале предлог закони за донесување на Буџет на Република Македонија во кои се содржела однапред планирана неправилна распределба на средства, предлагале, донесувале и потпишувале незаконски владини одлуки со кои директно или преку Министерството за култура трансферирале средства во Општина Центар.
– На овој начин, заобиколувајќи го Собранието, осомничените обезбедиле финансиски средства од државниот буџет со кои го финансирале извршувањето на кривичните дела и незаконски ги префрлиле на сметката на општина Центар во вкупен износ од 3.547.390.000 денари (57.681.138 евра) – рече Лапе.
На прашањето колку време ќе се чека за обвинение, обвинителот одговори дека не знае бидејќи се чека на докази и од други странски држави.
Претходно, Министерството за внатрешни работи информираше дека полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал вчера во Скопје уапсиле пет лица за злоупотреба на службена должност и за перење пари.
– Вчера во попладневните часови и во текот на вечерта од страна на полициски службеници од МВР – Оддел за сузбивање на организиран и сериозен криминал, по налог на ОЈО ГОКК, а со наредба на судија на претходна постапка, лишени се од слобода пет лица во врска со чл.273 ст.5 и чл.353 ст.5 од Кривичниот законик, информираа од МВР.
Лицата се приведени и задржани во полициска станица и во текот на денот ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка.