Откако доцна синоќа беше виден како го напушта окружниот воен штаб во Ростов, стотици километри јужно од Москва, денес не се знае каде се наоѓа платеничкиот водач Евгениј Пригожин, јавуваат светските агенции.
Тешко вооружените руски платеници се повлекоа од јужниот руски град Ростов во текот на ноќта, откако го запреа нивното напредување кон Москва според договорот со кој заврши кризата што претставуваше невиден предизвик за авторитетот на претседателот Владимир Путин – пренесува „Хина“.
Според договорот, со посредство на белорускиот претседател Александар Лукашенко, борците на групата „Вагнер“ би се вратиле во своите бази во замена за безбедносни гаранции, а нивниот лидер Евгениј Пригожин би се преселил во Белорусија.
Тој беше виден како го напушта окружниот воен штаб во Ростов, стотици километри јужно од Москва, доцна синоќа со спортско комунално возило, но неговата локација не е позната денес, објави британската новинска агенција „Ројтерс“.
Француската новинска агенција „АФП“ напиша дека Пригожин треба да замине во Белорусија, а не се знае каде е тој во недела наутро, за кога е закажано тоа заминување.
Борците на „Вагнер“ се повлекуваат од регионот Воронеж, кој граничи со Украина, објавија денес локалните власти, наведувајќи дека повлекувањето се одвива „без инциденти“.
Главниот град Москва е тивок денес, по договорот за деескалација, со мала доза на зголемена безбедност на улиците.
Понеделникот е прогласен за неработен ден за да се остави време работите да си дојдат на свое место.
Чеченските специјални сили кои беа распоредени во руската област Ростов за да се спротивстават на напредувањето на платеничката група Вагнер, исто така, се повлекоа денес, објави новинската агенција „ТАСС“.
Специјалците се враќаат таму каде што се бореле претходно – изјави командантот Аптиј Алаудинов, пренесе агенцијата.