Фото:Архива

Собранието на денешната 117. седница ја донесе предлог-одлуката за продолжување кризната состојба на дел од територијата на државата заради висок ризик од зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти.

Пратениците со 73 гласа „за“ ја усвои „предлог на одлука за изменување на Одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на дел од територијата на Македонија, заради висок ризик од зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти низ територијата на Македонија и заради заштита на јавното здравје од илегална миграција во услови на постоење на пандемија  прогласена од светската здравствена организација SARS-CoV-2 и спречување од негово ширење со кој се загрозува безбедноста и имотот на населението“.

Ова е ново продолжување од шест месеци на одлуката донесена пред повеќе месеци.

Собранието го донесе предлог законот за изменување и дополнување на Законот за матичната евиденција, по скратена постапка, со кој се овозможува законска основа до крајот на годинава над 700  лица во земјава, претежно од Ромска националност кои се неевидентирани да бидат запишани во Матичната книга на родените.

Во Собранието, освен 117 седница, денеска беа закажани продолженија на десетина седници и тоа 41, 66, 91, 95, 99, 100, 111, 112 и 115 седница на Собранието.

Пратениците денеска ја донесоа одлуката за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во меѓународната операција на Европската Унија „АЛТЕА“, во Босна и Херцеговина, предлог – одлука за испраќање на припадник на Армијата на Република Северна Македонија за учество во меѓународната операција на Европската Унија „ЕУТМ РЦА“ во Централноафриканската Република, како и предлог одлуката за испраќање на припадници на Армијата на Република Македонија за учество во меѓународната операција на Организацијата на Обединетите нации „УНИФИЛ“.