ФУДБАЛ – ПОЧНУВА ФАЈНАЛФОР-ТУРНИРОТ

Од годинашните учесници, Шпанија и Холандија беа второпласирани во првите две изданија на Лигата на нациите, Италија беше трета пред две години, а Хрватска дебитира на фајналфор-турнирот. Претходни победници се Португалија и Франција

Со денешниот прв полуфинален меч Холандија – Хрватска (20.45 часот) почнува завршницата на третото издание на фудбалската Лига на нациите, чиј домаќин е Холандија. Утре се игра второто полуфинале, Шпанија – Италија (20.45 часот).

Шпанија (во 2021 година) и Холандија (во 2019-та) беа второпласирани во првите две изданија на Лигата на нациите, Италија беше трета пред две години, а Хрватска дебитира на фајналфор-турнирот. Финалето и мечот за третото место во годинашната Лига на нациите е в недела.

Четирите репрезентации на овој турнир се пласираа откако ги освоија првите места во своите групи во рамките на лигата А, натпревари што се играа од јуни до септември лани.

Лигата на нациите и овој пат овозможува пласман на европско првенство (ЕП). Откако ќе завршат квалификациите, кои почнаа во март годинава, ќе се знае кои 12 репрезентации како претставници на лигите А, Б и Ц ќе настапат на завршните турнири за секоја лига, како квалификации за ЕП 2024. Сега место на тие турнири обезбедија сите победници на групите во тие три лиги, а ако некој од нив се пласира на ЕП преку редовните квалификации, своето место на турнирите за пласман на ЕП преку Лигата на нациите ќе им го отстапат на следните најдобри селекции во соодветната лига. Така, победници на групите во лигата А се Хрватска, Шпанија, Италија и Холандија, во групите во лигата Б победија Шкотска, Израел, БиХ и Србија, а во групите на лигата Ц триумфираа Турција, Грција, Казахстан и Грузија.
Победници на првите две изданија на Лигата на нациите се Португалија, во 2019 година, и Франција, во 2021 година.