Таленти

Младиот и талентиран пејач Ангел Кулески последните неколку години реди успеси на натпреварите по соло-пеење. Така неодамна, освојувајќи го првото место по соло-пеење стана државен првак. Претходно со максимум 100 поени беше најдобар и на регионалниот натпревар исполнувајќи композиција од популарната пејачка Били Ајлиш.

Ангел вели дека музиката го релаксира и оти ужива додека пее. Таа за него е решение за секој проблем. Со задоволство ги пее композициите на англиски јазик, но одлично се справува и со оперските арии. Омилен поп пејач му е Тоше Проевски, а од светските ѕвезди му се допаѓа Аријана Гранде.

Од трето одделение пеел во училишниот хор, а часови по соло-пеење започнал да посетува на 11 години во ОМУ „Ордан Михајлоски-Оцка“ во Прилеп, кај професорката Леонарда Богдановска Гиноска, додека сега е кај професорот Стефан Неданоски, кој се грижи за неговиот напредок.

Иако досега во неговото семејство никој не пеел, Ангел се надева дека пеењето ќе му биде животна професија, бидејќи планира да се запише прво во средно музичко училиште, а потоа и на Факултетот за музичка уметност во Скопје.
Ангел е одличен ученик во седмо одделение во ОУ „Блаже Конески“ во Прилеп, а освен пеењето многу ја сака и ликовната уметност. Ка.М.