Дополнителни сили на КФОР ќе го одржуваат кревкиот мир на Косово
Извештаите од северот на Косово и Метохија вчераутро сведочеа за тензии, како на локациите околу зградите на локалната самоуправа така и пошироко. Голем број припадници на КФОР со опрема за разбивање демонстрации од раните утрински часови биле распоредени во близината на општинските згради во Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток, а припадниците на КФОР во населбата Звечан поставувале дополнителни метални огради и бариери со бодликава жица.
Помала група граѓани од српска националност во текот на целата ноќ биле присутни пред зградата на општината Лепосавиќ, а утрото почнал собирот на граѓани во Звечан, град на северот на Косово, каде што пред зградата на општинската администрација толпата развиори српско знаме долго околу 300 метри.
Срѓан Милосављевиќ, поранешниот претседател на Советот на Општина Звечан, на граѓаните им порача дека ова е мирен протест.
– Нашите барања се повлекување на специјалните сили на косовската полиција од општините на северот на Косово, новиот градоначалник да не доаѓа во општините, да се ослободат нашите неправедно уапсени граѓани – рече Милосављевиќ.
Тензиите се засилија по обидот во понеделникот да се спречи новоизбраниот албански градоначалник да ја преземе должноста во оваа општина со мнозинско српско население, што заврши со насилства и судири, во кои беа повредени над 80 луѓе. Блокади имаше и во Зубин Поток и Лепосавиќ, но тие поминаа без тензии.
Како последица на првите тензии, најнова вест е дека НАТО најави дека ќе распореди уште 700 војници на северот на Косово. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во вторникот изјави дека Алијансата ќе испрати дополнителни 700 војници на Косово и дека уште еден баталјон ќе биде ставен во состојба на готовност.
Дополнително, САД објавија дека воведуваат мерки против Косово, затоа што властите ги игнорирале советите да не ги креваат тензиите во областите со мнозинско српско население.
– САД силно го советуваа косовскиот премиер Албин Курти да го промени текот на дејствувањето, но тоа беше игнорирано. САД разгледуваат и други мерки и моментално немаат ентузијазам да му помогнат на Косово во напорите да добие пошироко меѓународно признание – изјави американскиот амбасадор во Приштина, Џефри Ховениер.
Ховениер со тоа јасно и недвосмислено го впери прстот кон косовскиот премиер Курти како виновник за актуелната состојба истакнувајќи ја загриженоста за повредените војници на КФОР што настрадале како резултат на одлуките што ги донел премиерот Курти. Амбасадорот го повтори и барањето на САД од властите во Приштина: да не инсистираат новите градоначалници да работат од општинските згради и косовските полицајци да се повлечат од трите општински згради на северот каде што живее мнозинско српско население.
Што се однесува до санкциите, поради насилниот обид за инсталирање на албанските градоначалници во тамошните општини, Косово е исклучено од учеството во голема воена вежба во Европа, предводена од САД. Откако беше откажано учеството на Косово во вежбата „Дифендер Европа 2023“, набргу потоа на владините претставници на Албин Курти им беше забранета понатамошна посета на САД, но и закана дека Вашингтон ќе ги суспендира поддршката и лобирањето за интеграција на Косово во меѓународните институции.
Курти на јавна сцена го искритикува американскиот државен секретар Ентони Блинкен
Косовскиот премиер Албин Курти во изјава за британскиот весник „Гардијан“ го критикуваше американскиот државен секретар Ентони Блинкен, велејќи дека неговата изјава за настаните на северот на Косово е наивна, нефер и погрешна.
– Мислам дека тоа не само што е неправедно, погрешно и навредливо, туку во исто време е и многу наивно – рече Курти.
Тој, исто така, рече дека изјавата на Блинкен и барањата за запирање на полициските активности на северот дефинитивно не биле корисни.
Станува збор за изјавата на Блинкен дека одлуката на Владата на Косово да присили пристап до општинските згради е сурова и непотребно ги зголемува тензиите.
– Премиерот Курти и неговата влада треба да се погрижат избраните градоначалници да ги извршуваат своите привремени должности од алтернативни локации надвор од општинските згради и да ги повлечат полициските сили. Во меѓувреме, претседателот Вучиќ и Владата на Србија мора да го намалат безбедносниот статус на српските вооружени сили и да апелираат до Косово Србите да престанат да го предизвикуваат КФОР и да се воздржат од натамошно насилство – рече Блинкен.
Курти, исто така, посочил дека разговарал со американскиот претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, кој побарал градоначалниците на север да се преселат во други објекти или да работат од дома, но Курти го одбил овој предлог.
Подготвил: Mарјан Велевски