Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска соопшти дека информацијата за укинување на организациските директори на клиниките е доставена до Владата.
– Модалитетите ќе ги одлучиме заедно со Владата и со експертите. Информацијата е доставена до Владата, но не е помината – изјави Меџити, одговарајќи на новинарски прашања по настанот на кој се одбележа Светскиот ден на мултипла склероза.
Меџити посочи дека околу пола милион евра годишно се трошат на овие организациски директори и дека тие пари би требало да се искористат за пациентите.
– Јас би сакал да почне да функционира од јануари 2024 година затоа што тогаш се прават и пресметките во Фондот за здравство, со цел парите што ги губиме со заедничките служби, директорите, со набавката на лекови и сѐ друго, да ги користиме за пациентите. Во моментот, 20 милиони евра се во минус заедничките служби, кујната е четири милиони евра и не се знае кој го чисти ходникот, а кој прозорецот. Имаме проблем и во професионалниот дел на работењето на клиниките. На пример, во конзилијарните мислења дали докторот сака или не, затоа што тоа се посебни субјекти – рече Меџити.
Во однос на новиот клинички центар, Меџити рече дека станува збор за голем, комплексен капитален проект за кој е потребен поширок консензус меѓу партиите и општеството. Посочи дека проектот е презентиран пред заинтересирани страни и амбасади и дека има интерес.
– Новиот клинички центар е голем капитален проект, ќе ни треба поширок консензус меѓу партиите и во општеството. Во неколку наврати потврдив дека го имаме не само Клинички, туку и концептот на регионаните центри, но тоа нема да се случи утре. Тоа е покомплексен проект и треба повеќе страни да се консултираат – рече Меџити, додавајќи дека не сака да ветува дали камен темелникот на новиот клинички центар ќе биде ставен пред изборите.
Локацијата за новиот клинички центар, како што посочи, останува иста.