За да ги пополни празнините поради сегашниот недостиг од работна сила, Германија има намера да привлече квалификувани кадри од Бразил да работат во нејзиниот сектор за здравствена нега
Борба на светскиот пазар на трудот
Како што старее германската популација така се зголемува бројот на луѓе кои имаат потреба од старосна и медицинска нега, додека сè поголем број работници во секторот на здравствената нега заминуваат во пензија.
За да ја пополни празнината, Германија ќе спроведе стратегија за регрутирање „во земји каде што има повеќе млади и добро обучени луѓе отколку што може да апсорбира локалниот пазар на труд“, изјави германскиот министер за труд Хубертус Хајл од СПД за локалниот германски весник „Ноје оснабрикер цајтунг“.
По повод оваа цел, Хајл и министерката за надворешни работи Аналена Бербок од партијата на зелените ќе отпатуваат во Бразил во јуни, а слични посети се планирани за Индонезија и за Мексико, според официјалното соопштение на германскиот министер за труд. Германскиот министер за труд истакна дека ќе бидат многу внимателни по ова прашање за да не ја лишат ниту една земја од работната сила што ѝ е потребна.
Европа е главна ризница за медицински персонал
Досега, поголемиот дел од кадарот во германскиот медицински и здравствен сектор доаѓа од Европа, која е сè повеќе критикувана бидејќи земјите од кои доаѓаат овие работници се соочуваат со недостиг од работна сила.
Така, албанскиот премиер Еди Рама во март порача дека неговата држава „не може да ја финансира германската здравствена служба“, објавувајќи ја намерата да ги задржи лекарите и медицинските сестри во земјата. Неговите поплаки произлегуваат од масовниот егзодус на дипломирани медицински лица кои ги завршуваат студиите локално со големи државни субвенции пред да работат во Германија.
За Рама е неприфатливо албанските студенти по медицина да плаќаат една шеснаесетина од трошоците за студирање, а преостанатиот дел да го плаќа владата, па потоа студентот да ја добие дипломата и да оди во Германија или на друго место да работи.
Критики во Германија
Во Германија, иницијативата на Хајл беше дочекана со скептицизам. Еуген Бриш, шефот на германското здружение на пациенти за Германската новинска агенција (ДПА) изјави дека веќе е јасно дека 500.000 медицински сестри ќе се пензионираат во следните десет до дванаесет години. Бриш смета дека овој проблем нема да го решат уште неколку стотини бразилски медицински сестри.
Досега, напорите на германската влада да привлече работници за нега надвор од Европа дадоа ограничен успех, при што во 2022 година беа регрутирани само 656 работници, според ДПА.
Наместо тоа, напорите треба да се фокусираат на подобрување на работните услови, рече Бриш. Тој додаде дека 300.000 обучени работници кои го намалиле работното време или целосно ја напуштиле професијата може да бидат мобилизирани да се вратат.