СИТЕ СМЕ МАКЕДОНИЈА

На Охрид убавините,
на Преспанско градините
јаболка што народија –
тоа е Македонија.

Лозјата во Тиквешијата,
плодородот во Малешевијата,
рамна плодна Пелагонија –
и тоа е Македонија.

Вардар и Повардарието,
Полог и Овчеполието,
славната Крушевска корија –
и тоа е Македонија.

На Пелистер висините,
на Шара и Бистра белините,
езерата ко бисер сјај,
прекрасен е родниот крај.

На Илинден бесмртниците,
бистите, спомениците,
нашата горда историја –
и тоа е Македонија.

И со синори разделените,
и по светот раселените,
од мајка што не се одродија
сите сме ние, сите сме ние –
МАКЕДОНИЈА!


СИТЕ СМЕ НАШИ

Оваа земја наша,
на сите ни е,
духот на соживот
в гради нека бие.

Во мир и среќа
деца да растат
омрази, злоби
вечно да згаснат.

Младешки џагор
весел да ни е,
слога да носи
среќа за сите.

Нација своја
секој да си сака,
ама сложни да сме
сите како браќа.

Да нема делби
на наши и ваши,
во Македонија наша
сите сме наши.

Од книгата
„Македонијо, гордост моја!“