За Рома ова е второ финале во ова натпреварување, а Севиља досега триумфирала дури шест пати

ФУДБАЛ- ЛИГА ЕВРОПА

Рома и Севиља ќе играат во финалето во годинашнава Лига Европа (ЛЕ). Тоа е епилогот по полуфиналните возвратни дуели, во кои Рома одигра нерешено 0-0 против бундеслигашот Баер Леверкузен и со тоа ја зачува предноста од 1-0 остварена на свој терен. Рома имаше само еден удар во рамката на противничкиот гол наспроти 21 на Баер Леверкузен, но сепак римјаните на крајот се радуваа.
За Рома ова е второ европско финале во низа под водство на португалскиот тренер Жозе Мурињо. Минатото беше она во Конференциската лига, кога во Тирана го совлада Феенорд со 1-0. Мурињо ја освои ЛЕ во 2017 година со Манчестер јунајтед, а има две титули и во Лигата на шампионите со Порто и Интер.
Севиља, пак, која е рекордер во ова клупско натпреварување со шест титули, пред своите бучни навивачи го совлада Јувентус со 2-1, но дури по продолжението. Во регуларниот дел беше 1-1 исто како во Торино. Поведе Јувентус со голот на Душан Влаховиќ (65-та минута), а израмни Сусо (71). Победничкиот гол во екстра времето го постигна Ерик Ламела (95), за уште едно големо финале на шпанскиот претставник. Јувентус не успеа да ја искористи предноста од играч повеќе во продолжението, откако во 115-та минута Маркос Акуња беше исклучен поради задржување на времето.
Финалето во ЛЕ е закажано за 31 мај во Будимпешта, Унгарија. Г.И.