Фото: Маја Јаневска-Илиева

Од 1 јануари 2013 година се помести старосната граница за полагање за возачка дозвола само за одлични ученици со примерно поведение. Малолетниците со наполнети 16 години се стекнуваат со право за поседување возачка дозвола од Б-категорија. За жал, МВР нема статистика за возрасната граница на санкционирани возачи, па сликата за македонските тинејџери не можеме да ја претставиме, но, според она што секојдневно го читаме во билтените, јасно е дека има голем број малолетници што учествуваат во сообраќајот. Доволен доказ за тоа е неодамнешниот смртен случај на малолетник чиј живот прерано згасна во сообраќајна несреќа во која со моторно возило управуваше токму малолетно лице

Тинејџерите во сообраќајот како управувачи на патнички моторни возила

Голема е бројката на тинејџери што едвај ја дочекуваат возрасната граница за конечно да седнат зад воланот. Но реалноста е дека тинејџерите возачи се причина за високите стапки на сериозни сообраќајни несреќи. Многубројни истражувања покажуваат дека ризикот од сообраќајни несреќи е поголем кај младите возачи на возраст меѓу 16 и 19 години отколку кај која било друга возраст. Статистички пресметано, тинејџерите од оваа возрасна група имаат речиси трипати поголема веројатност да доживеат фатална несреќа, врз основа на поминати километри.

Клучна причина – возачкото неискуство

Учењето да се вози автомобил е возбудливо за тинејџерите, меѓутоа е стресен момент за родителите. Токму статистиката покажува дека родителите навистина имаат добри причини да бидат загрижени. Според Центрите за контрола и превенција од болести, само во 2010 година имало 282.000 тинејџери повредени во сообраќајни несреќи, а уште 2.700 загинале, и тоа само во Соединетите Американски Држави. Европската статистика ги потврдува овие статистики, но, сепак, прецизни и понови податоци – нема.
Оттука, одлучивме да истражиме кои се причините поради кои во сообраќајни несреќи животот најмногу го губат токму лицата помеѓу 16 и 19-годишна возраст.
Постојат неколку фактори што можат да објаснат зошто има поголема веројатност тинејџерите возачи да бидат дел од сообраќајни незгоди за разлика од поискусните возачи, како и зошто има поголема веројатност тие да се повредат кога се во сообраќајна несреќа.
Според експертите, прва и основна причина е неискуството.
На тинејџерите возачи им недостига искуство зад воланот, што е една од причините зошто стапката на сообраќајни несреќи е поголема кај младите возачи. Бидејќи тинејџерите возачи само ги учат правилата на патот и како да управуваат со возилото, тие едноставно не се опремени за одлуките што треба да ги донесат возачите за да останат безбедни.
За да бидат безбедни сите, императив е тинејџерите возачи да практикуваат добри навики за возење додека учат да возат и во годините по добивањето на дозволата. На пример, избегнувањето ноќно возење и сведувањето на патниците на минимум може да помогне да се намалат шансите за судир. Токму затоа и законските обврски во земјава бараат возач почетник да не може во вечерните часови сам да управува возило, односно со него да има искусен возач со над двегодишно возачко искуство.
Покрај тоа, тинејџерите се генерално импулсивни, а овој квалитет заедно со неискуството може да доведе до катастрофални резултати.
Лицата на оваа возраст не се љубители на безбедносни појаси. Од сите возачи, кај тинејџерите е забележана најмала стапка на врзување со безбедносен појас.
– Статистиката покажува дека само 80 проценти од тинејџерите редовно носат појаси, што придонесува за повреди, па дури и смрт, кога овие возачи ќе влезат во сообраќајни несреќи – се вели во едно истражување направено од Центарот за контрола на болести.

БРЗОТО ВОЗЕЊЕ ВО КОМБИНАЦИЈА СО КОНСУМИРАН АЛКОХОЛ КОМБИНАЦИЈА ЗА НЕСРЕЌА

Една од главните причини за сообраќајки со фатален исход кај тинејџерите е брзото возење.
Тинејџерите возачи има поголема веројатност да се вклучат во ризично однесување на патот, како што е брзото возење. Покрај тоа, тинејџерите сакаат да претекнуваат, а непромисленото претекнување, води до намалување на времето за дејствување и така често предизвикуваат сообраќајни несреќи.
И алкохолот е една од причините поради кои кај оваа категорија граѓани смртноста на патиштата е поголема. И покрај фактот што законски не смеат да пијат, за тинејџерите возачи има поголема веројатност од која било друга група да влезат во несреќи како последица на алкохол. Всушност, во 2010 година, околу 56 отсто од тинејџерите возачи што загинале во сообраќајни несреќи со моторни возила пиеле и возеле.
Далеку од тоа дека тинејџерите немаат стресови и многубројни проблеми, притисокот со кој секојдневно се соочуваат во својата средина и опкружување ги прави расеани, активни на повеќе полиња и едни од најголемите корисници на мобилните телефони, а токму тоа е и една од најчестите причини поради кои тие се најмногубројните возачи што загинале во сообраќајки.


Потсетување на законските решенија во врска со правото на оспособување за управување со моторно возило од Б-категорија

Од 1 јануари 2013 година се помести старосната граница за полагање за возачка дозвола само за одлични ученици со примерно поведение. Малолетниците со наполнети 16 години се стекнуваат со правото за поседување возачка дозвола од Б-категорија. За жал, МВР нема статистика за возрасната граница на санкционирани возачи, па сликата за македонските тинејџери не можеме да ја претставиме, но, според она што секојдневно го читаме во билтените, јасно е дека има голем број малолетници што учествуваат во сообраќајот. Доволен доказ за тоа е неодамнешниот смртен случај на малолетник чиј живот прерано згасна во сообраќајна несреќа во која со моторно возило управуваше токму малолетно лице.
Се помести и старосната граница за возач почетник. Со законските измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, возач-почетник се смета од 16 до 18-годишна возраст, за разлика од порано, кога за почетници се сметаа сите што имаат најмногу 21 година. Сепак, само малолетниците што имаат покажано одличен успех и примерно поведение за изминатата година ќе можат да полагаат возачки испит.
Постар малолетник може да се стекне со право на оспособување за управување со моторно возило од Б-категорија доколку наполнил 16 години возраст и има лична карта. Исто така, важно е да е здравствено и психофизички способно да управува со моторно возило и да има завршено најмалку основно образование. Без согласност од двајцата родители, малолетник не може да полага, исто како и без одличен успех и примерно поведение во последната завршена учебна година. Училишниот психолог и педагог мора да дадат писмена согласност за тој да полага, а при земањето часови малолетникот мора да зема дополнително 30 проценти повеќе часови.
Сепак, според законот, постар малолетник што поседува возачка дозвола од Б-категорија не смее да управува со возило во патниот сообраќај во периодот од 20 до пет часот наутро, освен ако во возилото го придружува родител, односно старател што поседува возачка дозвола од Б-категорија и кому не му е изрекувана прекршочна санкција забрана за управување со моторно возило, а не смее ниту да управува со возило со брзина поголема од 60 километри на час на јавен пат, односно со брзина поголема од 80 километри на час на пат наменет исклучиво за сообраќај на моторни возила, односно со брзина поголема од 100 километри на час на автопат. Малолетниците се ограничени и во тоа каков автомобил смеат да управуваат. Па, така, тие не смеат да управуваат возило чија сила на моторот е поголема од 75 киловати. Доколку ги прекршат законските одредби, ќе добијат глоба во износ од 300 евра во денарска противвредност, а покрај износот на глобата на возачот постар малолетник ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана за управување со моторно возило во период од три месеци до една година.


Десет факти за тинејџерите возачи

1. Речиси 60 отсто од тинејџерите признале дека зборуваат на телефон додека возат.

2. Зборувањето на телефон додека вози може да ја удвои шансата за несреќа и да го забави времето на реакција на тинејџерот на ниво на 70-годишен возач.

3. Дури 90 отсто од тинејџерите изјавиле дека е вообичаено да се видат други тинејџери како зборуваат на мобилен телефон додека возат.

4. Вкупно 56 отсто од тинејџерите рекле дека нема да зборуваат ако некој вози на начин што ги вознемирува.

5. Вклучувањето на родителите во возењето на тинејџерите може да ја удвои веројатноста дека сигурносните појаси ќе се носат редовно.

6. Со секој поминат километар на час над дозволената брзина, ризикот од сообраќајна несреќа кај тинејџерите се зголемува пропорционално.

7. Се покажало дека ризикот од несреќи се зголемува кај тинејџерите возачи што имаат тинејџерски патници. Овој ризик постепено се зголемува со бројот на тинејџерски патници.

8. Ризикот од сообраќајни несреќи со моторни возила е поголем кај тинејџерите на возраст од 16 до 19 години отколку кај која било друга возрасна група.

9. Повеќе од 40 отсто од тинејџерските смртни случаи поврзани со автомобил се случуваат помеѓу 21 часот и 6 часот наутро.

10. Во просек шест тинејџери на возраст од 16 до 19 години гинат секојдневно низ светот како последица на сообраќајна несреќа.