(Не)конструктивноста на албанскиот политички фактор за македонската државност во голема мера е одредена од нестивнатите јасни желби за регионално обединување на Албанците во еден државноправен ентитет. Тоа сега забележливо се прави преку предлозите за реализирање на формалноправните реконструкции во уставно-законската регулатива. Низа релевантни експерти предупредуваат на ваквите состојби, каде што без оглед на сите унапредени највисоки човекови права што им се овозможени во текот на изминатите три децении, сега во актуелниот светски дисбаланс, албанскиот корпус во Македонија виде една голема геополитичка шанса во пакетот уставни измени за внесување на Бугарите во македонскиот устав да направи уште еден огромен чекор кон деконструкција на унитарниот карактер на Македонија во насока на нејзино федерализирање
(Не)конструктивноста на албанскиот политички фактор за македонската државност
Од албанскиот политички блок сѐ посилни се сигналите за поддршка на уставните измени за внесување на Бугарите во македонскиот устав. На пример, претседателот на движењето Беса, Билал Касами, вели дека доколку како опозиција ги поддржи уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот, тогаш ќе треба да има и поддршка за укинување на „20 отсто“ во Уставот. Меѓутоа тој во исто време нагласува дека што се однесува на Албанците, ова „од барање може да стане услов!“.
– Цениме дека нашите аргументи за укинувањето на „20 отсто“ се исто толку силни како и аргументите за внесувањето на бугарската заедница. Така што, ако има такво разбирање од нас како опозиција да ги поддржиме уставните измени со внесувањето на бугарската заедница во Уставот, очекуваме од друга страна, иста таква поддршка и од албанските партии и од македонските партии, што евентуално ќе се дефинира за формулацијата „20 отсто“. Тоа е понижувачки за Албанците, треба да се избрише од Уставот и да се замени со „албански јазик“ – често нагласува Касами.
Множење (на барањата) заради делење (на суверенитетот)
Ваквите изјави на претставници од албанскиот политички блок, освен што создаваат нови отежнувачки околности за и така спорниот процес на бараните уставни измени, го враќаат како тема на политичката сцена и прашањето за конструктивноста на албанскиот политички елемент во одржувањето и зацврстувањето на државниот суверенитет на Македонија.
– Од една страна ова ги зголемува поделеноста и конфронтацијата на Македонците, додека од друга страна уште повеќе ги обедини Албанците во реализација на нивните сецесионистички интереси. Уставни измени бара странска држава, а Уставот е наше внатрешно прашање.
Албанците, пак, тоа го користат максимално за реализација на големоалбанскиот проект, кој е неоспорна цел на огромен дел од нивните политичари во Македонија. Нивното единство околу промената на Уставот, иако се апсолутно свесни дека тоа води кон бришење на македонскиот народ, меѓу другото значи и крајно несолидарно однесување. Обидите да се извлечат и промени на Уставот во насока на понатамошна албанизација на земјата, се само „круна“ на нивните тешки националистички политики.
Жално е што сите овие голготи низ кои минуваме не ја освестуваат македонската политичка елита дека нејзината поделеност и конфронтираност го водат македонскиот народ на ѓубриштето на историјата. Работите ќе се одвиваат така сѐ додека не се направи пресврт во водењето на македонските политики. Ние сме на потег – вели амбасадорот Ристо Никовски.
(Не)конструктивноста на албанскиот политички фактор за македонската државност во голема мера е одредена од нестивнатите јасни желби за регионално обединување на Албанците во еден државноправен ентитет. Тоа сега забележливо се прави преку предлозите за реализирање на формалноправните реконструкции во уставно-законската регулатива. Низа релевантни експерти предупредуваат на една реална состојба, во која без оглед на сите унапредени највисоки човекови права што им се овозможени во текот на изминатите три децении, сега во актуелниот светски дисбаланс, албанскиот корпус во Македонија виде една голема геополитичка шанса во пакетот уставни измени за внесување на Бугарите во македонскиот устав да направи уште еден огромен чекор кон деконструкција на унитарниот карактер на Македонија во насока на нејзино федерализирање.
Краток осврт на историските факти за (не)конструктивноста во прилог на градењето на македонската државност
На почетоците на воспоставувањето на независната државност на Македонија, во деведесеттите години на 20 век, албанските етнички партии (кои и тогаш постоеја како легитимен политички субјект) не гласаа за усвојување на првиот устав во ноември 1991 година, не прифаќајќи го статусот на малцинство. Таквата состојба постојано предизвикуваше политичка напрегнатост во општеството, што кулминира со оружен конфликт во 2001 година, од кој произлезе Охридскиот рамковен договор, со кој унапредените граѓански права зависат токму од тој процент на застапеност на малцинствата од 20 отсто. Во меѓувреме, таквите унапредени права излегоа надвор од рамката на Охридскиот договор, па во 2018 година е усвоен и Закон за употреба на јазиците, со кој, иако во колизија со Уставот, албанскиот јазик практично стана службен на целата државна територија на Македонија, без оглед на постоењето на формулацијата од „20 отсто“. Сега, во барањето на уставни измени за внесување на Бугарите во македонскиот устав, албанскиот политички фактор согледува шанса и за формално укинување на формулацијата „20 отсто“.
– Албанскиот политички фактор во Македонија, како многупати досега од независноста на македонската држава, е неконструктивен кога се работи за македонските национални интереси. Колку пати само поради нив е сменет македонскиот устав, со што целосно е сменета неговата суштина. И оваа наметната ситуација за менување на македонскиот устав, со цел да бидат внесени Бугарите во него, албанскиот политички фактор ја пренасочува кон сопствените долгорочни национални цели, односно бришење на уставната дефиниција „јазикот што го зборуваат 20 отсто од населението“, со експлицитно наведување на албанскиот јазик. Главната смисла и цел на поддршката на албанскиот политички фактор за почнување на процесот на уставните измени, макар и за внесување на Бугарите (што не смееме да го дозволиме), е да се релативизира етничкиот сооднос во Македонија за да се изгуби државотворноста на Македонците. Албанската политичка елита во Македонија (која, патем, е толку драстично оддалечена од реалните проблеми и потреби на граѓаните Албанци, чии интереси, наводно, ги застапува) ја користи постојната ситуација со притисокот за уставните измени, на некој начин да го олесни патот за остварување на нивната долгорочна цел од која не се откажале – регионално обединување на Албанците, дури и по цена на федерализација на Македонија. На ваквите прочитани (па и нескриени) намери на албанските политичари во земјава, македонската политичка елита (пред сѐ онаа што е на власт) реагира како сварена жаба, која не го забележала постепеното зголемување на температурата на водата и „незабележливо“ е доведена до состојба на умртвеност. Поради повеќе состојби на глобален геостратегиски план, но и на внатрешнополитички план, за Македонија не е разумно да избрзува со уставните измени. Една од причините поради која не треба да се впуштаме во авантурата на уставните измени е што веќе Македонија е влезена во предизборна година и не постојат легитимни услови од довербата на граѓаните за такви суштински процеси, како менување на Уставот, кои можат да имаат фатални последици за државотворниот статус на македонскиот народ – смета амбасадорката и новинарка Мелпомени Корнети.