Ретрокатче

Деновиве во нашето поштенско сандаче пристигна необична пратка, која нѐ убеди дека соработката со „Колибри“ за сите е нешто посебно, спомен што се чува цел живот.
Поетесата Гордана Каракашевска ни испрати зачувани примероци од додатокот за деца „Колибри“ во кои се објавени нејзини песни.
– Првата песна „Сеќавање“ ми беше објавена во „Колибри“ на 5 март 1991 г., кога имав 14 години. Никогаш нема да го заборавам тоа чувство кога во раце го зедов весникот и ја видов отпечатена песната со убава илустрација. Потоа песната „Мир и љубов“ ми беше објавена на 30 јули истата година, а следната, 1992 година, значи пред цели три децении, се појави и „Желба“ на страниците на единствениот додаток за деца. Подоцна ми објавуваа песни и во додатокот за уметност и култура ЛИК. На некој начин мојата поврзаност со омилениот весник продолжи до денес – ни рече Гордана Каракашевска.
Под псевдонимот Ана Каракаш таа ги објавила и збирката раскази со наслов „Сињор Џордано и размислувањата за сомневањата, дилемите и прашањата за некои други ситни зрнца “ (2021 г.), стихозбирката „Скршен поет и други поеми“ (2021), романот „Разголување во годината на козата“ (2021) и поетската збирка „Куќа од хартија“, издадена лани.
Се надеваме дека Гордана Каракашевска наскоро ќе објави и книга за деца, а дотогаш, освен нејзините први творби, можете да ја прочитате и нејзината нова песна „Детство“.

М.Т.

Мир и љубов

Солзите на мојата земја
не можам да ги заборавам,
маките на мојот народ
се во мозаикот на вечноста.
Крвта на моите дедовци
живее во песните
на младоста.
Вербата во подобра иднина
Желбата за подобра
иднина.
Мир и љубов –
тоа е мојата татковина.

Желба

Надживеј сѐ,
надживеј ги соништата,
не дозволувај времето
да те згази,
не дозволувај времето
да те заспие.
Не дозволувај младоста да ти ја извалка.
Надживеј ги недостојните,
надживеј го векот,
победи го злото,
уништи го стравот,
надживеј ги песните,
остани засекогаш млад…
Дури тогаш смири
се душо…

Детство

Во мојот роден крај
со река сина
моето детство
во радост ми мина.

Трчав низ високите,
вишни гори
наутро весела се будев
во румени зори.

Ја паметам есенската убавица
во најразлични бои
на дрвјата
крошните бујни
како им ги крои.

Зимата ги покриваше
стапките,
ја белееше планината
а снегулките танцуваа
со ветерот,
паѓаа со тишината.

Така беше, верувајте,
вистина е ете
кога растев како во бајка
кога и јас бев како вас дете.

Како што одминуваат
годините
и течат
така сеќавањата
кон детството ме влечат.