Суданската армија денеска соопшти дека дипломатите на САД, Велика Британија, Кина и Франција ќе бидат евакуирани со воени авиони бидејќи борбите меѓу двете армии се водат и околу главниот аеродром во Судан.
Борбите во главниот град Картум влегоа во својата втора недела, меѓу официјалната армија и бунтовниците предводени од Мохамед Хамдан Дагало собрани во група наречена Сили за брза поддршка.
Началникот на Генералштабот, генерал Абдел Фатах Бурхан, разговараше со лидерите на неколку земји кои побараа безбедна евакуација на нивните граѓани и дипломати од Судан и вети дека таа ќе започне наскоро.
За време на седумдневните борби кои принудија многу жители на Картум да избегаат, според Светската здравствена организација, загинале 413 лица, а 3.551 лице било повредено. Таа бројка вклучува девет мртви и 50 повредени деца.
Со затворањето на главниот меѓународен аеродром во Судан, странските земји ги повикаа своите граѓани во Картум да го напуштат градот додека не бидат направени плановите за евакуација.
Конвојот на амбасадата на Саудиска Арабија тргна од Картум за Порт Судан, од каде што дипломатите и членовите на нивните семејства со воени бродови преку Црвеното Море беа префрлени во Саудиска Арабија.
Се наведува и дека на сличен начин почнале да се однесуваат и други земји.