Ова признание, за кое гласаа 100 регистрирани известувачи од НБА-лигата, дојде само шест дена подоцна во однос на изборот во кој учествуваа и тренерите и во кој, исто така, тој беше избран за најдобар тренер

КОШАРКА – НБА

Сакраменто првпат по 2006 година стигна до плејофот на кошаркарската НБА-лига, а патем и наградата за најдобар тренер отиде токму во рацете на нивниот тренер Мајк Браун (53). Тој е избран едногласно, што никогаш не се случило во досегашната историјата на најквалитетната кошаркарска лига во светот.
Ова признание, за кое гласаа 100 регистрирани известувачи од НБА-лигата, дојде само шест дена подоцна во однос на изборот во кој учествуваа и тренерите на НБА-лигашите и во кој, исто така, тој беше избран за најдобар тренер. Покрај Браун, кандидати за тренер на годината беа уште Џо Мазула од Бостон и Марк Дејно од Оклахома.
Браун го презеде Сакраменто минатата година, а пред тоа ги водеше уште Кливленд и Лос Анџелес лејкерс, а беше помошник-тренер во Голден стејт, Индијана, Сан Антонио и во Вашингтон.
– Ваквите почести не се среќаваат често и мора да ги цените. Навистина сум благодарен што сум во Сакраменто. Навивачите и градот се фантастични – изјави Браун, пренесе официјалната интернет-страница на НБА.
Ова е вторпат во кариерата на Браун да биде прогласен за тренер на годината. Првпат тоа беше пред 14 години, кога го предводеше Кливленд до 66 победи и 16 порази.
Сакраменто продолжи да игра добро и во годинашниов плејоф, славеше на домашен терен против актуелниот шампион Голден стејт, со што поведе 2-0 во серијата што се игра до четири победи. Во регуларниот дел од сезоната во НБА-лигата во Западната конференција заврши на третото место со 48 победи и 34 порази. Г.И.