Шмркањето со носот, ‘рчењето, превртувањето в кревет, долгите дремки дење, будењето ноќе, или пак, премалку или дури и премногу сон, освен што придонесуваат за слаб квалитет на спиењето, исто така, ја зголемуваат и опасноста од мозочен удар.
Авторката на новиот научен труд, Кристин Мекарти од Универзитетот на Галвеј во Ирска, смета дека овие симптоми може да доведат и до пет пати поголем ризик од мозочен удар. Всушност, истражувачите откриле дека колку повеќе проблеми со спиењето има човекот, толку е поголема опасноста од мозочен удар, пишува „Си-ен-ен“.
– Наодите се во согласност со претходните истражувања коишто го поврзуваат нездравиот сон со високиот крвен притисок и оштетувањето на крвните садови, кои се фактори на опасност од мозочен удар – се надоврза Кристен Нутсон, вонредна професорка по Неврологија и Превентивна медицина на Медицинскиот факултет „Фајнберг“ при американскиот Северозападен Универзитет.
Можна причина е влијанието на краткиот, „испрекинат“ сон и нарушувања во спиењето, како што е апнејата, врз способноста на телото да го регулира метаболизмот, крвниот притисок и воспаленијата, коишто се фактори на ризик за мозочен удар.
И д-р Филис Зи, директорка на Центарот за деноноќна медицина и медицина на спиењето при Северозападниот Универзитет, смета дека лошиот сон има негативно влијание врз здравјето.
– Лошиот сон може да го наруши природното намалување на крвниот притисок што се случува за време на ноќниот сон и да придонесе за хипертензија, што е важен фактор на ризик за мозочен удар и кардиоваскуларни болести. А, и други истражувања врз дел од населението посочија слични врски меѓу нарушувањето на сонот и заболувањата како што се дијабетес, срцеви заболувања и деменција – вели таа.
Написот во списанието „Неуролоџи“ (Neurology), анализира податоци од над 4.500 луѓе.
Резултатите важат за вистинити и по исклучувањето други проблеми коишто може да доведат до мозочен удар – депресија, злоупотреба на алкохол, пушење и недостаток на физичка активност.
Апнеја е состојба при спиење во која луѓето престануваат да дишат неколкупати на час. Тоа е поврзано со трикратно зголемување на опасноста од мозочен удар, се вели во истражувањето.
– Важно е да се напомене дека испитувањата можат да покажат само поврзаност меѓу проблемите со спиењето и мозочниот удар, а не вистинската причина – нагласи д-р Ендрју Фриман, одговорен за одделот за срцеви болест при здружението Национално еврејско здравје во Денвер, САД.
Дремењето, исто така, е посочено како фактор на ризик. Луѓето кои дремат во просек – повеќе од еден час имаат 88 отсто поголеми можности за мозочен удар од оние кои не дремат. Сепак, вообичаената дремка од помалку од еден час не била поврзана со зголемена опасност од мозочен удар, се вели во написот.