Шпанија има по еден претставник во четвртфиналињата во фудбал и во ракомет и два во кошарка, меѓу нив и два актуелни прваци. Полска, пак, има една обезбедена титула, во одбојка, откако финалистите се од таа земја, а Полска има и два тима во трка за титулата во ракомет
Шпанија и Полска имаат најмногу екипи во завршницата од соодветните клупски континентални натпреварувања, во четири екипни спорта, во фудбал, кошарка, ракомет и во одбојка.
Шпанија има вкупно четири тима во трка за три европски титули, и тоа по еден претставник во четвртфиналињата во фудбал и во ракомет и две екипи во кошарка. Од таа земја се и два актуелни прваци од четирите спорта, Реал Мадрид во фудбал и Барселона во ракомет, а и двата и сезонава се во трка по трофеите. И Полска има четири тима, но и една обезбедена титула, во одбојка, откако финалистите се од таа земја, актуелниот првак ЗАКСА и Јастребски. Полска има и два тима во четврт-финалето во ракомет, Киелце и Висла.
На оваа необична листа Германија, на пример, има три тима во конкуренција за трофеите, и тоа Кил и Магдебург во ракомет и Баерн во фудбал, Италија има три во фудбал, Англија два во фудбал, Франција по еден во ракомет и во кошарка, а по еден тим имаат Португалија (во фудбал), Србија, Грција, Литванија, Турција, Израел (сите во кошарка), Данска и Унгарија (во ракомет).
Четврт-финалето во фудбал завршува денеска, во кошарка плејофот за пласман на фајналфорот почнува идната недела (двојките се Олимпијакос – Фенербахче, Барселона – Жалгирис, Реал Мадрид – Партизан, Монако – Макаби ТА), од 10 мај се натпреварите од четврт-финалето во ракомет (Кил – ПСЖ, ГОГ – Барселона, Висла – Магдебург, Веспрем – Киелце), а финалето во одбојка на програмата е на 20 мај. Н.М.