МЕЧ ЗА СВЕТСКИ ШАХОВСКИ ПРВАК

Првата партија заврши со реми по речиси пет часа игра

Воведната партија на мечот за светски шаховски првак помеѓу Русинот Јан Непомнијашчи (2.795 рејтинг-поени, моментно втор во светот, бели фигури во првата партија) и Кинезот Динг Лирен (2.788, рангиран трет), во Астана (Казахстан), заврши без победник во 49-от потег и речиси пет часа игра.
– Се испостави дека во воведната фаза одиграв добро и бев малку подобар. Не подготвив ништо, бидејќи се борев со своите чувства и емоции – рече по партијата Лирен, пренесе Светската шаховска федерација (ФИДЕ)
Непомнијашчи не беше задоволен од начинот на кој продолжи по отворањето, но генерално рече дека бил задоволен од својот настап во првата партија, пишува ФИДЕ. Во првата партија беше видено отварањето Руи Лопез. Русинот во еден момент имаше еден пешак предност, но црниот брзо ја врати материјалната рамнотежа. Втората партија (од вкупно 14) се играше вчера. Г.И.


ЗАБРЗАН ШАХ

Победа на Кралевски на Велигденскиот турнир за ветерани

ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Александар Кралевски (2.065 рејтинг-поени, рангиран прв пред турнирот) е победник на Велигденскиот турнир во Скопје, за ветерани (60 години и повозрасни), во забрзан шах, во девет кола (време за размислување 20 минути, плус 10 секунди по секој потег), во организација на здружението „Шаховски клуб на ветерани Скопје 72“. Во конкуренција на 24 шахисти (двајца ФИДЕ-мајстори), по два натпреварувачки дена Кралевски освои седум поени и нови 12 рејтинг-поени (пет победи и четири ремија), колку што имаше и второпласираниот ФМ Љубомир Илиќ (2.026, рангиран трет), но со послаб дополнителен критериум. Трет, со шест поени, е Виктор Раниќ (1.814, рангиран 10-ти), колку што имаше и четвртопласираниот ФМ Љубомир Хаџи-Манев (1.895, рангиран осми). Судија на турнирот беше интернационалецот Иван Кочовски. Г.И.


КУГЛАЊЕ

Макпетрол 12-ти пат го освои Купот на Македонија

Кугларите на Макпетрол се победници на Купот на Македонија, кој се одржа викендов, со соборени 3.382 кели, односно 53 повеќе од второпласираниот Вардар и 189 повеќе од третопласираната ГТЦ Мусандра. За Макпетрол ова е рекорден 12-ти трофеј во ова натпреварување. Поединечно најмногу кегли собори Дарко Димитровски, 620, од Вардар, втор беше Дарко Марковиќ со 577, трет Младен Донковски со 577, и двајцата од Макпетрол. Во првата шесторка влегоа уште Сашо Трпковски со 570 од Макпетрол, Милош Радојичиќ со 567 од Макпетрол и Игор Михајловски со 563 од Пелистер.
Табела: Макпетрол А 3.382 кегли, Вардар 3.329, ГТЦ Мусандра 3.193, Макпетрол Б 3.161, Пелистер 3.126, Вардар Б 3.000 и Пелистер Б 2.962. Г.И.