Мојата мајка е грда, бушава, ниска, ама таа ми е мајка. Ако татко ми донесе друга госпоѓа, елегантна или образована, таа може да ми биде маќеа. Никогаш не може да ми биде мајка. За жал, по 90-тите години на 20 век, поради верско-политикантски причини, одредени политички партии на етничките заедници користејќи го исламот наметнаа теза дека Македонец не може да биде муслиман. Таквата теза, таквата јадица ја голтнаа Македонците и во целиот тој период, дури и до скоро, единствен критериум кај македонските политички партии беше дали некој има 20, 30 или 50 гласа, а не дали станува збор за осознаен граѓанин, кој е Македонец со исламска вероисповед, кој треба да дејствува во средината за целосно спојување со матичниот македонски народ, вели Пајкоски
Интервју со Латиф Пајкоски
Латиф Пајкоски е еден од најистакнатите продолжувачи на македонските национални и културни вредности на Македонците со исламска вероисповед во Македонија, поранешен пратеник во македонското собрание и претседател на Сојузот на Македонците со исламска религија. Со него разговаравме за повеќе теми што се од суштинска природа за Македонците од муслиманска вероисповед, како и за проблемите со кои се соочуваат во Македонија.
Како го оценувате односот во државава
кон Македонците со исламска религија?
Жално е што денес уште се поставува ова прашање, по педесетина години активности на досега единственото здружение на Македонците со исламска религија, регистрирано некаде во 1975 година, и со времето поминато кога ова население дојде во положба да има многу високообразовани кадри, да има доктори, да има дури и доктори на науки. Сметавме, јас лично сметав дека веќе никогаш нема да ја отвораме темата за интегрирање на Македонците со исламска религија во матичниот македонски народ. Жално е по толку години што треба повторно да го актуализираме ова прашање, особено ако го имаме предвид фактот што анализите покажуваат дека во изминатиов период дури имаме влошување на одредени состојби, а не да се надеваме на некаква целосна интеграција. Македонците со исламска религија ги има во сите делови на Македонија, Република Македонија, но најмногу се застапени во западниот дел, односно во реканскиот крај, Дебарска Жупа, Дримкол, Струшко, потоа ги има во Кичевско, Тетовско, Скопско, Велешко итн. Бројката од 150.000 луѓе што ние ги имаме како евиденција покажува сепак дека државата мора сериозно да пристапи кон овие луѓе што го негуваат сопствениот мајчин јазик. Кога станува збор за Македонците што имаат исламска религија, тие ја добиле во историјата многу години наназад и до ден-денес љубоморно ја чуваат и негуваат, практикуваат, пренесуваат од колено на колено, но исто така ги имаат истите карактеристики што го чинат македонскиот народ, го задржале чистиот мајчин македонски јазик, традициите, обичаите, навиките, дури ги задржале и топонимите што покажуваат дека станува збор за македонско население. Првата неправда кон Македонците со исламска религија е направена во 50-тите и 60-тите години на 20 век, кога со договор помеѓу тогашна Југославија и Турција требало да се иселат етничките Турци од овие простори. Но, за жал, оние што беа иселени беа Македонците со исламска религија, уште тогаш изедначувајќи ја исламската религија со турската припадност, па така дури имаме и целосно иселени села. Според моја процена, врз основа на истражување и информации, околу 200.000 Македонци со исламска религија биле иселени во Турција.
Дали има асимилација на Македонците со исламска религија
Здружението на Македонци со исламска религија кога беше формирано беше под капата на тогашната држава, тогаш од сите аспекти државата се трудеше на некој начин да помогне, во запишување во средни училишта, факултети, вработување итн. Но со појавата на повеќепартискиот систем, од 1990 година наваму, политичките партии, особено партиите што му припаѓаат на македонскиот блок, основната грижа или интерес ги имаа во обезбедувањето гласови. Па, така, многу често, а и ден-денес се случува, пред избори, попис или други важни настани, да бидеме тапкани по рамо, да бидеме убедувани дека сме едно исто, што е вистината, но во оној момент кога ќе треба да се формираат институции на државата, по избори кога треба да се формира влада или министерства, е тогаш веќе не сме исти. Честопати тоа прашање им го поставував и на високи државни функционери: Зошто сега не сме исти? Зарем Латиф Пајкоски вреди помалку, зарем имам помалку образование, немате доверба во неговите способности? Но секогаш наидувавме на молк и секогаш нашето население, нашите кадри, остануваа настрана. За жал, ваквиот игнорантски однос на нашите политичари, на оние што ја водат државата, доведе до ситуација ние да бидеме оставени како на тацна, да бидеме како монета за поткусурување. Од нас да си земат толку колку што му треба. Не знам дали тоа го правеа свесно или не, меѓутоа Македонија изгуби двапати. Еднаш изгуби сериозна бројка од своето население, луѓето се претопија, се преправија дека се Албанци, Турци Бошњаци, едно време и муслимани, значи изгуби таква бројка. Втората загуба е што етничките заедници, одредени етнички заедници на вештачки начин си ја зголемија таа бројка. Затоа што тие луѓе од Македонци се декларираат како Албанци или Турци, тие не се иселија од државата, тие останаа тука, но сега не се во групата Македонци. Оттука, некои етнички заедници на вештачки начин манипулираат со бројки, за кои мислам дека не се реални. Во тој период се случија трогателни отстапки на државата со кои ние трајно изгубивме цели региони. Тука би го споменал регионот на Центар Жупа. Кога од група родители беше побарано изучување на турскиот јазик, во 90-тите години на 20 век, меѓутоа за да се утврди вистинската состојба со тие дечиња таму, дали го познаваат или не турскиот јазик, беше присутен експерт од Обединетото Кралство, кој го утврди познавањето односно непознавањето на турскиот јазик. Господинот Џеф Морис го констатира следното: Да се допушти децата да учат на непознат јазик, сигурно ќе му прави лоша услуга на нивното општо образование. Потоа Министерството за образование во 1999 година издаде решение за изведување настава на мајчин турски јазик. Ова решение беше оспорено пред Уставниот суд, овој суд го поништил решението, но до ден-денес никој нема ништо преземено.
Дали се прави јаз помеѓу нацијата и религијата?
Викаме изгубени региони, еве зошто. Затоа што тогашните дечиња што не го познавале турскиот јазик, во меѓувреме завршиле училиште, станале родители и сега веќе нивните дечиња со право можат да кажат дека нивниот мајчин јазик е турскиот јазик. Денес во основното училиште во Центар Жупа само две-три дечиња учат на македонски јазик. Има повеќе вакви примери. Сакам да кажам дека со учество на државните институции процесот на однародување започна спротивно од тоа да им се помогне на Македонците со исламска религија, Македонци што секојдневно се чувствуваат запоставено. Овие денови еден пријател ме праша уште колку Македонци останаа во Жировница. Јас искрено се зачудив и објаснив дека во Жировница има Македонци, сите се Македонци. Не, мислев колку Македонци православни има? Значи луѓето ја изедначуваат религијата со нацијата и народот, што е сосема различно. Покојниот академик Блаже Ристовски рече: Нацијата е како мајката. Мојата мајка е грда, бушава, ниска, ама таа ми е мајка. Ако татко ми донесе друга госпоѓа, елегантна или образована, таа може да ми биде маќеа. Никогаш не може да ми биде мајка. За жал, по 90-тите години на 20 век, поради верско-политички причини, одредени политички партии на етничките заедници користејќи го исламот наметнаа теза дека Македонец не може да биде муслиман. Таквата теза, таквата јадица ја голтнаа Македонците и во целиот тој период, дури и до скоро, единствен критериум кај македонските политички партии беше дали некој има 20, 30 или 50 гласа, а не дали станува збор за осознаен граѓанин што е Македонец со исламска вероисповед, кој треба да дејствува во средината за целосно спојување со матичниот македонски народ.
Каков е вашиот став за тенденциите на запишување на Македонците со исламска вероисповед како одделна етничка заедница?
Сметам дека со иницијативата за запишување на Торбешите во македонскиот устав како одделна етничка заедница повторно се сака институционално дефинитивно да се дотолчи ова население и бројката на Македонци, особено во западниот дел на Република Македонија, да биде минорна. Не можам да разберам некој да бара да се симне од народ во етничка заедница, најверојатно тоа би било единствен пример во светот, некој да бара да има понизок статус во сопствената матична држава. Не верувам дека некој искрено, говорам за македонските политички партии, ќе го прифати ова, затоа што на пример ВМРО-ДПМНЕ има донесено декларација на Десеттиот конгрес во Кичево во 1995 година, во која се кажува дека Македонците со исламска религија се нераскинлив дел од македонскиот народ, мислам дека оваа декларација е претопена во статутот на споменатата партија. Не верувам дека некој од тие пратеници би гласал стотици илјади Македонци да станат нешто друго, нешто непознато. За да се стане етничка заедница, треба да бидеш дел од народ, како Србите што имаат своја држава, но за да бараш да станеш етничка заедница притоа да ги имаш сите особености на македонскиот народ, за мене е нешто несфатливо. Или станува збор за револт поради игнорантскиот однос на државата кон оваа население, или станува збор за верско-политички причини, а можеби и за лични интереси на поединци што ја туркаат оваа идеја.
Кои се мерките што би можеле да помогнат?
Македонските политичари треба да го следат примерот на бугарската држава, која грчевито, дури насилно се бори за Бугари во Триглав, како наоѓаат Бугари во Река, Жупа, Албанија, Голо Брдо, Косово иако ги нема. Трошејќи многу средства, за бугарската држава не е важно дали тоа население е од исламска религија, нема проблем, бидете Бугарин муслиман. Во секој случај, Бугарија си ги бара корените по етничка основа, а не врз основа на религијата, само за да не бидат дел од македонскиот етнички супстрат. Македонците што ја раководат нашата држава веќе триесет години како воопшто да не се да не заинтересирани за ова население, за овој народ. Има примери кога албанската партија ДУИ, кога некои Македонци од исламска религија се изјаснуваат како Албанци, да ги поставува или предлага за одредени партиски или државни функции. Важно им беше луѓето да се изјаснуваат по етничка припадност, што им одговара. Има и позитивни трендови. ВМРО-ДПМНЕ како партија има одредена политика што води грижа за ова население, на одредени луѓе им беше дадена доверба од страна на оваа партија, така на пример беше назначен директор на националниот парк Маврово. Оваа политика ја продолжи и СДСМ со поставување кадри, што покажува дека нешто треба да се прави, но многу малку се прави за Македонците од исламска религија. Сѐ повеќе и повеќе го губиме ова население, многу од нив се иселуваат поради економски причини, Река станува пустелија, има една песна за Жировница, Жировница пуста останала. Навистина Жировница пуста останала, од 3.000 жители, во моментов имаме околу 300-400 луѓе, од 60 ученици во прво одделение што ги имавме во минатото, оваа година имаме само четири. За жал, таа е состојбата. Таа е сликата. Ние како интелектуалци во 2010 година направивме документ, иницијатива, стратегија за Македонците од исламска религија. Тука беше опишана голготата на ова население и му ја доставивме на тогашниот премиер Никола Груевски. Во оваа декларација ние предлагаме неколку работи, кои и денес се актуелни. Предложивме во рамките на македонската влада или во рамките на министерствата да се формира агенција или комисија што ќе биде задолжена за Македонците од исламска религија, нешто слично како Комисијата за немнозинските заедници. Предложената комисија да биде раководена од кадар што ќе има задача секаде каде што живеат Македонците од исламска религија да подготвува стратегиски документи за интегрирање на ова население кон матичниот македонски народ. За жал, ништо не беше направено од овој прв предлог. Втората работа што ја предложивме на секои парламентарни избори врз основа на правичен договор, поголемите македонските партии на победничките места да постават барем по еден Македонец од исламска религија, барем да имаме двајца пратеници во Собранието што ќе го претставуваат ова население. Друго е прашањето за кадровскиот потенцијал. Тука е многу важно партиите да постават луѓе што ќе работат на интеграција, не на дезинтеграција на ова население. Секоја партија има доволно симпатизери и способни луѓе шо се стручни и образовани за да го помогнат интегративниот процес на Македонците од исламска религија. Од друга страна, очигледно е дека во Македонија работите се решаваат квотно, како што е запишувањето на учениците. Ние во минатото се соочувавме со сериозен проблем, имам лични искуства, кога сака некој да се запише во училиште. Иако во документите пишува дека се етнички Македонци, името му е муслиманско. Службите таму кога ќе го видат името, без да ги читаат податоците, ги запишуваат во групата Албанци или Турци. Ние предлагаме Македонците муслимани секогаш да бидат запишувани во квотата Македонци, а дали во таа квота ќе има потквота за религиската припадност, тоа е друго прашање. Меѓутоа ова прашање треба државата институционално да го реши. Поради економската неразвиеност на областите каде што живее ова население, ние предлагаме Владата, особено кога станува збор за странски инвестиции, да обезбеди, да дава бенефиции во овие региони. Македонската држава мора да преземе правична политика за целосно интегрирање на Македонците од исламска религија, затоа што ова население е нераскинлив дел од македонскиот етнички супстрат.