Илон Маск и група експерти за вештачка интелигенција повикуваат на шестмесечна пауза во развојот на системи помоќни од неодамна лансираниот ГПТ-4, во отворено писмо предупредувајќи за можни ризици за општеството и човештвото.
На почетокот на овој месец, компанијата ОПЕН АИ во соработка со Мајкрософт ја објави четвртата верзија на програмата ГПТ (Generative Pre-trained Transformer), која ги освои корисниците поради широкиот опсег на употреба, од компонирање песни до компресирање долги текстови.
Писмото, објавено од непрофитниот институт Фјучр од лајф и потпишано од повеќе од илјада луѓе, вклучувајќи го и Маск, повикува на пауза во развојот на напредна вештачка интелигенција додека независните експерти не излезат со безбедносни протоколи.
-Моќните системи за вештачка интелигенција треба да се развиваат само кога сме сигурни дека нивните ефекти ќе бидат корисни и дека ризиците можат да се менаџираат – се вели во писмото.
Авторите укажуваат на ризици во форма на економски и политички нарушувања и ги повикуваат програмерите да соработуваат со властите и регулаторните тела.
Нивната загриженост се совпаѓа со предупредувањето на Европол, кој во понеделникот укажа на бројни етички и правни проблеми донесени од Чет ГПТ (ChatGPT), во врска со можна злоупотреба за кибер напади, дезинформации и кибер криминал.