КОШАРКА

Евролигата и ФИБА свртеа нов лист со менувањето на раководството на најсилното европско кошаркарско клупско натпреварување, а со доаѓањето на чело на Дејан Бодирога и Маршал Гликман се обидуваат да најдат решение за календарот на натпреварувањето. Според „Баскет инсајд“, преговорите во моментов се движат во позитивна насока.
Ова би претставувало своевидна „кошаркарска револуција“, со оглед на тоа колку проблеми направи календарот, пред сѐ на репрезентациите во нивните квалификациски турнири.
Тоа најдобро го почувствуваа селекциите чии играчи се главни фигури во најсилните европски клубови. Честопати селекторите не можеа да се потпрат на тие имиња, па квалификациите најчесто ги претставуваа играчите што настапуваат во АБА-лигата, Еврокупот, натпреварите на ФИБА и само неколку од Евролигата, а моментално и од ВТБ-лигата. Тие успешно ги извршуваат поставените задачи, но потоа доаѓа моментот кога се прави списокот за големо натпреварување и тогаш настанува непријатна ситуација кога голем број од тие главни кошаркари ќе бидат изоставени. Г.И.