Сите фудбалери минуваат низ периоди од кариерата кога работите се ментално предизвикувачки. Треба да бидете издржливи, да бидете силни и да се обидете да го пребродите тоа. Така се обидов да гледам на повредите што ги имав, да ги насочам во позитивни ситуации каде што можам да се подобрам себеси психички и физички, рече Чилвел
ФУДБАЛ
Бекот на Челси и на фудбалската репрезентација на Англија, Бен Чилвел, рече дека стигмата околу менталното здравје „треба да исчезне“, откако зборуваше за помошта што ја доби за време на неговото отсуство поради повреда, пишува „Би-би-си“. Чилвел, кој не настапи на минатогодишното Светско првенство поради повреда на тетивата добиена неколку недели пред турнирот, рече дека времето било „многу предизвикувачко“, но дека добил помош зборувајќи за психолошките влијанија.
– Разговарам со некого веќе неколку години. Мислам дека стигмата околу тоа е навистина глупава, особено со мажите и особено со мажите во фудбалот. Како што ми помогна, дефинитивно може да им помогне на сите. Стигмата околу неа е нешто што треба да исчезне – рече Чилвел.
Чилвел се врати на терените во почетокот на февруари и беше вклучен во тимот на Англија на Герет Саутгејт за квалификациските мечеви со Италија и со Украина во минатата недела. Тој рече дека гледањето на Светското првенство со соиграчот од Челси, Рис Џејмс, кој исто така го пропушти турнирот во Катар поради повреда, им помогнало на двајцата играчи.
– Беше убаво што се имавме еден со друг за тоа време, бидејќи тоа беше некој со кого можеше да ја споделиш болката од пропуштањето на Светското првенство. Многу си помогнавме низ тоа искуство. Се разбира, ментално тоа е многу предизвикувачко. Сите фудбалери минуваат низ периоди од кариерата кога работите се ментално предизвикувачки. Треба да бидете издржливи, да бидете силни и да се обидете да го пребродите тоа. Така се обидов да гледам на повредите што ги имав, да ги насочам во позитивни ситуации каде што можам да се подобрам себеси психички и физички – рече тој. Н.М.