Спектакуларните бегства на „затворските кртови“

Бегството преку тунел во криминологијата се карактеризира како смел, инвентивен и импресивен пат за бегство од страна на оние што се обидуваат да ја скратат
затворската казна и да „исчезнат“ од затворските ќелии. Издвојуваме кои затворски бегства со помош на ископани тунели оставија свој печат во криминалистичката историја

Ископаните тунели што оставиле печат во криминалистичката историја

Бегство од затвор преку ископан тунел од страна на затворениците веднаш асоцира на филмот „Бегството од Алкатраз“, во кој Клинт Иствуд ја има главната улога на затвореник, кој рачно, со лажица и други предмети, секојдневно копа тунел за да излезе од затворот, а потоа со импровизиран чамец да побегне од злогласниот остров. Или, пак, тоа нѐ потсетува на уште попопуларниот филм снимен во 1994 година, „Бегство од Шошенк“, кој корисниците на најголемата интернет-база на филмови ИМДБ (Интернет муви датабаза) во 2021 година го избраа за најдобар филм на сите времиња: за затворениот банкар, кој во текот на бегството од затворот ползи низ канализациска цевка полна со отпадни води и поминува околу 500 метри, но успева да излезе на другиот крај…
И додека сите ние уживаме во такви филмови и не веруваме дека во Македонија може да се случи такво нешто, во јавноста како бомба одекна веста дека во Идризово бил откриен тунел преку кој затвореници со долги и доживотни пресуди планирале да избегаат на слобода токму на овој начин.
Бегството преку тунел во криминологијата се карактеризира како смел, инвентивен и импресивен пат за бегство од страна на оние што се обидуваат да ги избегнат затворските ќелии. Сепак, неколку затворски бегства со помош на ископани тунели оставија свој печат во криминалистичката историја.

ПОВЕЌЕ ОД ЧЕТИРИ МЕСЕЦИ СЕ КОПАЛ ТУНЕЛ ВО ИДРИЗОВО

Филмско сценарио во најголемиот затвор во земјава, Идризово, според првичните сознанија, се подготвувало најмалку четири-пет месеци. Затвореници што одлежувале долги и доживотни затворски казни ископале тунел, кој бил доста добро опремен. Имал потпорни греди и добро осветлување.
Сето тоа го забележале градежни работници што работеле на уривање стари објекти во затворот. При уривањето на објектите и ископите, тие пронашле подземен недовршен тунел во должина од педесетина метри, на потегот од објектите што се уриваат, кон оградниот ѕид на затворот.
Откако тунелот беше откриен, надлежните започнаа со истрага за да се утврди фактичката состојба до целосното расчистување на случајот.
Изминатите два месеца Управата за извршување санкции, во координација со КПД Идризово и безбедносните органи, врз основа на собрани информации што индицирале дека осудени лица преземаат недозволени активности со кои би се создале услови за организирано бегство од установата, го подигнала степенот на безбедноста во затворот, со цел да се дојде до подетални информации и да се провери нивната веродостојност. Како резултат на тие активности, било пронајдено место од каде што затворениците би можеле да избегаат и на тие локации било зголемено обезбедувањето.
Во медиумите што почесто излегуваат од рамките на професионалното известување и новинарските принципи многу брзо се прошири веста во јавноста за можна вмешаност на вработени во затворот. Тунелот почнувал од локација на која затворениците шетале, па токму затоа постои и основано сомнение дека припадници на затворската полиција знаеле за тоа. Но за тој дел засега е најдобро истражните органи да ги завршат својата работа и надлежност.
Точна е информацијата дека досегашниот директор на казнено-поправната установа „Идризово“, Шпенд Тахири беше разрешен од должноста на завчерашната владина седница, а на неговото место како в.д. директор е именуван генерал-мајорот магистер Зоран Јовановски.
– Доколку се утврди дека некој директно учествувал во таа работа, ќе мора да одговара, без разлика дали станува збор за осудени или вработени што го помогнале тоа – рече в.д. директорот на Управата за извршување санкции, Јовица Стојановиќ.

НАЈПОЗНАТИ СЛУЧАИ НА БЕГСТВА ОД ЗАТВОРИ СО ПОМОШ НА ТУНЕЛИ

Бегството од затвор со помош на тунел воопшто не е новитет во затворските документи. Историските документи откриваат дека овој начин на бегство можеби прв го реализирал лукавиот бонвиван Казанова, попознат по неговите многубројни љубовни авантури, за кого е забележано дека честопати не го почитувал законот.
Во 1756 година, тој се нашол во озлогласениот затвор во Венеција за кривичното дело „јавно навредување против светата религија“. Направил нож од закопано парче метал и почнал да прави тунел. Несреќна околност се случила кога тој бил преместен во друга ќелија, а во неговата бил затворен монахот, отец Балби. Благодарение на своите извонредни вештини на убедување, успеал да го убеди отецот да го продолжи копањето. Благодарение на тоа што го убедил, двајцата успешно избегале.
Понатаму, за време на американската граѓанска војна, полковникот Томас Роуз бил заробен војник на Унијата, кој бил држен заедно со 1.200 други во магацин во Вирџинија. Користејќи само џебен нож и неколку фрлени парчиња дрво, Роуз започнал со копање, на крајот конструирајќи тунел од 15 метри, кој започнувал во импровизираната визба на затворот и водел до празна барака. Дополнително, неколку дена по своето прво бегство, Роуз се вратил на местото на злосторството и им помогнал уште на неколку мажи да побегнат низ неоткриениот премин. Речиси 100 мажи го искористиле тунелот во својата потрага по слободата.

Трите тунели „Том“, „Дик“ и „Хари“

Едно од најпознатите бегства од затвор преку тунел треба да биде она што ги вклучува сојузничките војници од Втората светска војна, држени во озлогласениот логор „Сталаг Луфт III“, за кој се смета дека е отпорен на бегство. Тоа не го одвратило Роџер Бушел, кој смислил детален план што вклучува три тунели, кои ги нарекол „Том“, „Дик“ и „Хари“ и кои биле опремени со светло и вентилација, па дури и примитивен систем на патека. Алатите биле направени од лимени конзерви, а нечистотијата се складирала во панталоните на затворениците, а потоа се расфрлала низ логорот за време на периодите на вежбање.
На 24 март 1944 година, 76 мажи се обиделе да избегаат преку тунелот „Хари“. Само тројца успеале да стигнат до слободата, другите повторно биле заробени и погубени или испратени во концентрациони логори. Нивната приказна за храброст и иновација го инспирира познатиот филм „Големото бегство“, во кој глуми Стив Меквин.
Можеби еден од најпознатите бегалци што успеале да излезат на слобода преку тунел е озлогласениот наркобос Хоакин Гусман – Ел Чапо. За време на неговите долги години поминати во градење криминална империја и успешни обиди на бегство од фаќање од страна на мексиканските власти, тој често користел сложен систем на тунели за да се крие и да бега, а и подземен систем за да ја испорача својата недозволена стока во Америка.
Но можеби неговото најкомплетно бегство од тунел се случи во 2015 година, кога тој користел тунел долг околу километар и половина за да излезе од затворот „Алтиплано“ во близината на Мексико Сити. Отворот за бегство започнувал под тушот во неговата ќелија и завршувал многу подалеку од затворските ѕидови. Звуците на удари со чекан и конструкција биле „покривани“ со гласен телевизор, додека одредени чувари замижувале пред бучавата. Ел Чапо на крајот повторно беше фатен и екстрадиран во САД, каде што моментално отслужува доживотна затворска казна.


Има и тунели на надеж и спасение не само на бегство и криминал

Не сите тунели се користат за злосторнички или недозволени цели. Тие исто така можат да понудат надеж и спасение. Рударската несреќа во Копиапо во 2010 година, која зароби 33 рудари на 700 метри под земја, беше трансформирана во спектакуларен спасувачки напор. Рударите останаа под земја кога се затрупа главниот пристапен тунел во рудникот Сан Хозе во Копиапо, на околу 725 километри северно од главниот град Сатијаго. Откако беше утврдено дека мажите се безбедни и релативно здрави, беа смислени различни планови за спасување, користејќи меѓународна помош, вклучувајќи ја и НАСА.
Три огромни платформи за дупчење почнаа да се спуштаат кон рударите, при што на еден од уредите за копање му требаше околу еден месец за да ја достигне потребната длабочина. Потоа во тунелот беше ставена капсула за бегство, спуштена до рударите и вратена на безбедно. Севкупно, капсулата за бегство направи 39 кружни патувања нагоре и надолу по тунелот. Нивното искушение беше претворено во филм насловен „33“.

Еден од ретките преживеани објаснува како се одвивало едно од најпознатите бегства од затвор преку тунел во Втората светска војна, од озлогласениот логор „Сталаг Луфт III“

[email protected]