Духовниот водач на православните христијани, екуменскиот патријарх Вартоломеј денеска изјави дека моќната Руска православна црква ја споделува одговорноста за војната во Украина со руското раководство, но и дека е подготвен да помогне во повоената „духовна обнова“ на Русија.
Вселенскиот патријарх Вартоломеј со тоа го прекори рускиот патријарх Кирил, чија отворена поддршка за руската инвазија на Украина ги подели православните христијани.
Вартоломеј, кој ја налути Москва во 2019 година со признавањето на новооснованата православна црква на Украина, рече дека руските власти ја користат црквата како „инструмент за своите стратешки цели“.
– Црковното и државното раководство во Русија соработуваа во злосторството на агресија и ја споделуваат одговорноста за злосторствата што резултираа, како што се шокантните киднапирања на украински деца – рече Вартоломеј на конференција во литванскиот парламент.
Минатата недела Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин, обвинувајќи го за воено злосторство за незаконско депортирање на стотици деца од Украина. Русија тврди дека ги иселува децата од Украина заради нивна безбедност и негира кршење на човековите права во Украина.
– Нашиот меѓуверски дијалог мора да се фокусира на отпор и неутрализирање на капацитетот на раководството на Московската патријаршија да го поткопа единството и теолошки да го легитимира криминалното однесување – рече Вартоломеј.
Руската православна црква засега е без коментар.
Вселенската патријаршија се наоѓа во Истанбул и се смета за „прва меѓу еднаквите“ во Православната црква, која има околу 260 милиони следбеници во светот, од кои 100 милиони се во Русија.
– Цариградската Мајка црква е подготвена повторно да им помогне на своите деца во Украина и Русија, како што тоа го правеше многу пати во минатото – рече тој.
– Наша заедничка христијанска должност е да ја искористиме моќта на дијалогот за да ги вратиме нашите руски браќа и сестри во нашата заедница на заеднички вредности – рече тој, нагласувајќи ја потребата од „духовна обнова“ во Русија и Украина.