Српскиот претседател Александар Вучиќ во обраќањето до јавноста во Белград објасни зошто вчера во Охрид не го потпишал Договорот и Анексот на имплементација за нормализација на односите со Приштина, порачувајќи дека Србија е подготвена да работи на негова иплементација до своите црвени линии, јави дописникот на МИА од Белград.
Тој го прочита имплементацискиот анекс на Договорот и посочи дека со него „Србија повеќе нема да зависи од добрата волја на Приштина, што е позитивна промена, туку и од нас самите од она што сме подготвени да го направиме кога станува збор за европскиот пат“.
Притоа посочи зошто не го потпишал договорот.
– Прво, затоа што Република Србија е меѓународно призната земја, додека т.н. Косово не е. Не сакам да склучувам меѓународно правен договор со Косово – изјави Вучиќ.
Објаснувајќи ги меѓународните права особено Виенската конвенција, рече дека неговите изјави се обврзувачки за Договорот и дека „Србија е подготвена да работи на имплементација на договореното до нејзините црвени линии, а тоа се дека нема да има признавање на Косово и членството во ОН“.
– Ние го прифаќаме концептот, ќе работиме на имплементацијата, и ние сме многу поподготвени од некој во Приштина, кој е подготвен да потпише, а е подготвен да потпише бидејќи тоа би резултирало со формално-правна обврска Србија да се согласи со независноста на Косово – рече Вучиќ.
Како што кажа, вчера во Охрид 12 пати е менуван текстот на Анексот за имплемантација на Договорот и дека е важно што во Договорот се споменува „во согласност на се што е договорено во процесот на дијалогот, а тоа се потпишаните договори за ЗСО.“
– Важно е да се почне сега, српскиот управувачки тим, како што е предвидено, ќе треба да го претстави својот предлог на највисоко ниво на дијалог, ќе видиме како тоа ќе се одвива – рече претседателот на Србија.
Тој посочи дека смета дека е важно да се биде на европскиот пат.
– Кој сака, утре нека каже дека не го интересира европскиот пат, но јас сум. Не затоа што имам идолопоклонички пристап и мислам дека се таму е прекрасно, туку затоа што јас сум претседател кој треба да се грижи за земјата и граѓаните – посочи Вучиќ.