Државите кои ја малтретираа Украина ќе одговараат кога војната ќе заврши, изјави денеска украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.
Шефот на украинската дипломатија истакна дека Киев ќе ги земе предвид одлуките на секоја земја од почетокот на инвазијата на Русија при донесувањето на идните одлуки – пишува Би-Би-Си.
Кулеба, исто така, предупреди дека одложувањето на испораката на оружје од Запад „ги чини Украинците животи“ и дека „кога една испорака се одложува за само еден ден, тоа значи дека некој ќе го загуби животот на фронтот“.
Тој објасни дека земјите кои не ја поддржуваат Украина сега, а го „малтретираа“ Киев за време на војната, „скапо ќе плаќаат во иднина“.
Западните земји силно се обединија во поддршка на Украина, но многу земји во Африка, Азија и Јужна Америка останаа на страна.
– Ако некој во светот мисли дека начинот на кој една земја се однесувала или како ја третирала Украина во најтемниот момент од нејзината историја нема да биде земен предвид при градењето на идните односи, тој едноставно не знае како функционира дипломатијата – рече Кулеба.
Тој се осврна на борбите околу украинскиот град Бахмут и посочи дека тоа е од големо значење бидејќи за Русија неговото освојување би значело отворен пат кон другитеукраински градови.
– Секоја војна завршува на преговарачка маса. Мојата цел како министер за надворешни работи е да се погрижам Украина да стигне на масата по решавачкиот успех на бојното поле – рече шефот на дипломатијата.
Кулеба појасни дека тоа значи градење на најсилни можни коалиции за поддршка и сојузи во кои, како што вели, моментално не е вклучен поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск.
– Длабоко жалам што папата Франциск не сметаше дека е соодветно да ја посети Украина од почетокот на војната – рече тој.
Осврнувајќи се на најавената посета на кинескиот претседател Си Џинпинг на Москва, Кулеба рече дека не мисли оти Пекинг е „подготвен да започне со вооружување на Русија“.