Кичевски „Комуналец“ во текот на изминатата седмица го реализира традиционалното пролетно чистење, отстранувајќи ја нечистотија што се насобрала на улиците и тротоарите.
– За да имаме што почист град организираме акција на темелно чистење на Кичево. Се чистат насобраната кал и песок од улиците, се отстранува ѓубрето од тротоарите, а на локациите кај агенцијата за вработување и добиточниот пазар, во акцијата се вклучени и машини со кои се чисти целокупниот отпад што тука е насобран последните неколку месеци – нагласи директорот на јавното комунално претпријатие, Зенел Јонузи.
Тој потсети кои се причините за присуство на ѓубре на одредени локации.
– Кај добиточниот пазар најголемото ѓубре го прават продавачите на дребулии и разни алатки кои секоја сабота се лоцираат во непосредна близина на пазарот и се што не им е потребно го оставаат на локацијата каде што престојувале, додека ѓубрето кај агенцијата за вработување е создадено поради реконструкција на објектот – потсети директорот и упати апел до кичевци со молба и самите да се грижат за хигиената во градот. З.А.