Околу 300 лица дневно бараат совет на телефонот во Итната медицинска помош (ИМП) главно поради поради зачестена главоболка, вртоглавица, промени во крвниот притисок, влошено хронично заболување, малаксаност, дијареа, нагони за повраќање, зголемена телесна температура, грипозна состојба… Овие состојби периодов главно се предизвикани поради разликата меѓу високата дневна и ниската ноќна температура.
Ова денеска го изјави раководителот на Итната медицинска помош, Маргарета Трифуновска, која рече дека со главоболки е зафатена целата популација, од мали деца, школски деца, возрасни, па до старата популација. За посериозни здравствени состојби испраќаат возило.
– Организмот реагира со тие главоболки, вртоглавици… Болката е како мигренозна. Ниту една популација не е изоставена од главоболка. Кај децата се јавува од исти причини како и кај возрасните. Ако има и други пропратни симптоми испраќаме возило, истакна Трифуновска и додаде дека за едно деноноќие имаат 100 интервенции со возило, што е вообичаен број.
Во врска со тоа што треба луѓето да прават при ваква состојба рече дека треба често да одмораат, да пијат витамини Ц, Б, да имаат соодветен режим на исхрана, намален стрес доколку е можно, зголемена физичка активност кога не е загаден воздухот. Посочи дека децата не треба да седат подолго време пред компјутер и со телефон во рака. Возрасните, пак, како што потенцира, за да се намали тој нивни притисок што го чувствуваат во главата треба да избегнуваат кофеин, цигари, алкохол…
Таа рече дека периодов имаат зголемен број интервенции при сообраќајни незгоди.
– Потопло е времето. Температурата влијае. Таа состојба предизвикува намалување на внимание. Луѓето истоштени преку ден влегуваат во автомобил каде е топло, па излегуваат надвор, па пак доаѓаат во состојба топло – студено при промена на средина. Не знам која е причината за сообраќајните несреќи, треба потемелно да се испита, но тие релативно малку се зголемени периодов, додаде Трифуновска.