Бидејќи е неблагодарно да се составуваат листи со предзнакот „нај“ поради опасноста од занемарување или неправедно запоставување едни личности на сметка на други, „Нова Македонија“ пред неколку години, по истиов повод – историскиот датум 8 Март, направи своевидна компилација од повеќе светски листи на жени што оставиле
печат во историјата на човештвото. Годинава правиме мал македонски избор на жени што ја задолжиле Македонија, која иако беше тешко да се скрои, е наш мал обид или придонес да им оддадеме признание барем на некои од нив. Сите тие треба да ни бидат поттик да ја продолжиме борбата за женската општествена партиципација, но и за нејзиното рамноправно место во онаа интимната, лична и приватна сфера
Неверојатни научнички, писателки, политичарки, актерки, спортистки, уметници, феминистки и хуманитарки – тие дадоа свој придонес во светот во кој живееме денес. И го направија подобро место. Листата е долга (иако не толку колку онаа на нивните машки колеги, за што постојат објективни причини), некои од нив ја обележија историјата на длабок, револуционерен и моќен начин и го променија светот со својата харизма, пожртвувана работа, амбициозност и упорност. Историските личности, како и нашите современици, се согласуваат дека женската моќ не се отелотворува само во убавината, страста и шармот туку и во можноста да влијае на клучните цивилизациски настани.
Бидејќи е неблагодарно да се составуваат листи со предзнакот „нај“ поради опасноста од занемарување или неправедно запоставување едни личности на сметка на други, „Нова Македонија“ пред неколку години, по истиов повод – историскиот датум 8 Март, направи своевидна компилација од повеќе светски листи на жени што оставиле печат во историјата на човештвото, и тоа во разни области: наука, спорт, култура, хуманизам, политика… И како што секоја листа на жени со цивилизациско значење мора неизоставно да почне од првата библиска жена, така и тогашниот список на 40 важни жени беше подреден хронолошки, според годината на раѓање, почнувајќи од првата библиска жена Ева, а завршувајќи со најмладата нобеловка Малала.
Годинава правиме мал македонски избор на жени што ја задолжиле Македонија, која иако е тешко да се скрои, е наш обид или придонес да им оддадеме признание барем на некои од нив. Од многубројните жени што ја обележале историјата на Македонија, но и нејзината современост, што на длабок и моќен начин го промениле погледот на светот кон Македонија, во овој празничен број избираме осум (симболична бројка за еден осмомартовски број) успешни жени во различни општествени области: Мајка Тереза, еден од најголемите алтруисти на столетието чија хуманост ја почувствувале илјадници гладни, бездомници, болни; Есма Реџепова, која стана лесно препознатлив македонски бренд во светот со својата оригиналност и музичка виртуозност; Васка Илиева, која беше најголемиот амбасадор на Македонија и на исклучителниот македонски мелос; академик Нада Поп-Јорданова, која станува меѓународно препознатливо име во научните кругови и член на престижни академии на науките; Анета Светиева, која со своите забележителни достигнувања во современата скулптура станува дел од престижни изложби надвор од границите на земјава; Лидија Димковска, која и денес продолжува да ја трасира патеката на македонската литература на меѓународната книжевна сцена, да освојува награди поради кои нејзиното име стои до имиња на нобеловци; Теона Митевска, која како една од најплодните македонски режисерки и продуцентка со своите остварувања стигна до Венеција и Берлин, и Ана Дурловски, чија физичка убавина, драматичниот оган и лирскиот интензитет ја однесоа до сцените во врвните оперски куќи во светот. Сите тие покажаа дека женската моќ не се отелотворува само во убавината, страста и шармот туку и во можноста да се влијае на цивилизациските текови и на тоа како нѐ гледа светот.
Ако одиме многу наназад во минатото ќе видиме дека на македонската жена не ѝ била туѓа ни борбата за слобода, без разлика од кои слоеви потекнувала, таа рамо до рамо со мажите била во првите редови во борбата за слобода на македонскиот народ. Македонската жена влегува во првите редови на христијанството, како симбол на отпорот против Римската Империја и римското ропство. Македонката Лидија била првата жена што го прифатила христијанството не само во Македонија туку на Балканот и во Европа. Во текот на 15-19 век, Македонките ги сретнуваме и во ајдутството (Сирма Војвода, Румена Војвода), а борбата за слобода не ја напушта македонската жена ни за време на Втората светска војна (Вера Циривири-Трена, Вера Ацева-Доста…)
Сите овие имиња од најдалечното минато до денес треба да ни бидат поттик да ја продолжиме борбата за женската општествена партиципација како облик на таканаречена еманципација (политичка, економска, образовна), но и онаа интимната, лична, приватна сфера на жената, која сѐ уште не е докрај променета. Факт е дека последиците од патријархатот се чувствуваат и сега, бидејќи тој со векови го оневозможуваше пристапот на жената до симболичкото или ѝ го одземаше правото да се самодефинира. Родовите предрасуди не се докрај надминати, но веројатно сѐ повеќе се зацврстува свеста дека таквата состојба мора да се менува.