Арбен Бајрактарај, театарски, телевизиски и филмски актер

Вие сте еден од најинтересните европски телевизиски и филмски актери во моментов. Кажете ни кои од вашите проекти извршиле најголемо влијание врз вашата кариера?
– Многу е тешко да се издвои некој проект затоа што во секој од нив има многу уметност. Тешко е затоа што сите тие проекти се комплементарни и сите се на некој начин поврзани. Секако, има искуства што оставиле повеќе трага кај публиката. Многу ми е интересно снимањето во природа, но беше возбудливо и снимањето на „Хари Потер и редот на Фениксот“. Исто така бев многу среќен што работев со Тони Гатлиф во циганската драма „Слобода“, потоа прекрасната драма „Три дена во животот“ во режија на Никола Букриф со Сандрин Бонер, а можеби и експерименталниот филм „Плутачи“, најмногу поради траумите што беа третирани. Наскоро започнувам со подготовките и на театарската претстава „Патување во Цирих“ по драмскиот текст на Жан Беноа Патрико, во режија на Франк Берите.
„Проектот Хандке“ го сврте вниманието на театарскиот свет, особено на овие простори. Какво беше вашето искуство во подготвувањето на оваа претстава?
– Пријателството е најважно од сѐ. Со Јетон се знаеме повеќе од 20 години. Работењето во театар зема многу време, но овој пат Блерта и Јетон ме замолија и јас влегов во проектот. Всушност, јас не знаев дека „Проектот Хандке“ ќе има толку политички импликации. Ми импонираше прекрасната екипа, секако визуелните уметници, а и моите колеги актери. Секако, генерално, она што ме загрижува е линијата на фашистичките идеологии што се провлекуваат низ Европа, конформизмот што се употребува во насока на разединување и создава конфузија. Секако, во оваа претстава има и многу хумор. Беше интересно затоа што имавме различни реакции во Приштина и во Белград, но како актер забележувам дека публиката секогаш реагира на вистинските места. Беше различно во Германија, а и во Италија, а сепак сосема различно беше во Сараево и тоа е она што нам како на уметници ни импонира. Сега одиме во Словенија, а потоа во Фиренца, во „Театро дела Пергала“.
Дали мислите дека европскиот филм има влијание врз светската кинематографија?
– Да бидам искрен, мислам дека не толку многу, чудно е тоа што, не знам што се случило, европските филмови се многу слични еден на друг. Има многу големи недостатоци во автентичноста. Сепак, има еден знак на специфика како што е, на пример, последниот филм на Винтерберг, „Уште една рунда“, а многу значајно е тоа што во европскиот филм нема национализам. Тој е само добар или не е добар.

Овде публиката ве знае најмногу по телевизиската серија „Беса“, која е многу успешна. Какво беше вашето искуство за време на работењето врз серијата?
– Тоа беше најголемиот страв во мојата кариера. Во таа серија влегов по инсистирање на Теа Королија, продуцентката, која инсистираше на тоа дека овој телевизиски продукт ќе биде повеќе уметнички отколку политички и можам да кажам дека работевме прекрасно, имавме прекрасна атмосфера за време на снимањето и покрај тоа што е малку тешко да се вклучиш во проект што е составен од уметници од различни места. Сепак, мислам дека различноста на Балканот е нашето најголемо богатство. Имавме прекрасни соработници од Македонија, како што се актерите Рефет Абази, Камка Тоциновски, уметниците на шминка, сценографија. Мислам дека уметничката креација е да се најде вистинскиот момент и бескрајната можност да се доловат ликовите што се толкуваат. Во оваа пригода би сакал да им се заблагодарам на младите македонски актери со кои соработував и за кои мислам дека се многу талентирани.
Имате многу импресивна филмографија, сте работеле со големи филмски имиња како што се Тони Гатлиф, Леонор Ватлинг, Елизабет Харли… Можете ли да откриете некои ваши идни проекти?
– Следната седмица започнувам во Поградец со снимање на една албанско-италијанско-романска копродукција, филм со наслов „Капка вода“, а потоа одам да ја работам претставата за Авињон. Секако дека треба да го завршам и снимањето на филмот „Преживување“ во Мароко. Филм со прекрасен кастинг. Но секогаш сакам да зборувам повеќе за филмовите што сум ги завршил отколку за оние што се во фаза на изработка, затоа што со филмот никогаш не се знае.
Косовската кинематографија има голем развој во последните неколку години. Што мислите дека е потребно оваа кинематографија да си го најде местото под сонцето?
– Само ќе го кажам тоа: Владата да им помогне, а не да им ги сече нозете на креативците. Да нема многу бирократија.
Дали, сепак, театарот ве привлекува?
– Драмскиот текст што ќе го работам е награден минатата година од Француската академија. Тоа е убава можност, а и фестивалот во Авињон е еден од најголемите во светот. Филмот и театарот се два различни процеси и поинакви видови уметност. Но тие се комплементарни. Мислам дека на филмот му треба театарот и обратно.

Сашо Огненовски