Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, изрази жалење што еднаквоста на мажите и жените во светот е се подалеку, а ќе се постигне во најдобар случај „за триста години“.
– Родовата еднаквост е се подалечна. Со сегашното темпо, телото на жените при ОН верува дека тоа ќе се постигне за триста години – истакна Гутереш во говорот по повод почетокот на двонеделната дискусија во Њујорк организирана од Комисијата за статусот на жените (ЦСР) и два дена пред Меѓународниот ден на жената 8 март, пренесе „Алџезеира“.
Во салата на Генералното собрание, тој оцени дека „се газат правата на жените, им се закануваат, се врши насилство врз нив низ целиот свет“ и дека „пред наши очи исчезнува напредокот направен пред неколку децении“.
Тој го наведе примерот на Авганистан, каде талибанците ја презедоа власта во август 2021 година и каде што „жените и девојките се исклучени од јавниот живот“.
Гутереш не го спомна Иран, кој беше исфрлен од Комисијата за статусот на жените на 14 декември 2022 година, поради потиснување на бунтот организиран од жените во септември истата година.
– Вековната патријархалност, дискриминација и болни стереотипи создадоа амбис меѓу половите, во науката и технологијата, сектори во кои само три отсто од добитниците на Нобеловата награда се жени – рече тој.
Тој им оддаде признание на француската научничка Емануел Шарпентие и Американката Џенифер Дадни, кои беа првиот женски тим во историјата што ја доби Нобеловата награда за наука во областа на хемијата пред три години (2020 година).
– Машките тимови досега беа наградени 172 пати – додаде тој.
– Патријархатот го возвраќа нападот, а и ние исто така. Овде сум да дадам јасна и одлучна порака: Обединетите нации се со жени и девојки насекаде – заклучи генералниот секретар на ОН.