На врвот 56 шахисти имаат по два поена, меѓу кои и прворангираниот Габриел Саргасјан (2.699, 41. шахист моментно во светот), кој лани на ЕП Словенија (317 учесници, 114 ВМ), го освои второто место
ШАХ – 23. ЕВРОПСКО ПОЕДИНЕЧНО ПРВЕНСТВО
Две победи и осум порази е вкупниот епилог на петтемина македонски претставници по две одиграни кола на 23. Европско поединечно првенство (ЕП) во шах, кое се одржува во Врњачка Бања (Србија), во конкуренција на 484 шахисти (од кои 40 шахистки). Од нив 126 се ВМ, четири ЖВМ, 103 ИМ, шест ЖИМ, 106 ФМ и девет ЖФМ) од 40 држави.
По петте порази во првото коло од повисоко рангирани противници, во второто коло цел поен освои 18-годишниот Стојан Велкоски (1.868 рејтинг-поени, рангиран 445-ти на ова ЕП), кој со црни фигури го победи 125 места подобро рангираниот ФИДЕ-мајстор (ФМ) од Србија, Михајло Ѓокиќ (2.227), односно со 359 поени поголем рејтинг, што секако претставува подвиг со кој моментно има нови 34,8 рејтинг-поени.
Втората победа во ова коло ја забележа 16-годишниот Антон Златков (2.174 рејтинг-поени, рангиран 357.), кој исто така со црни фигури го победи Србинот Зоран Лакушиќ (1.641, рангиран 478.). Во другите партии од ова коло, ФМ Роберт Велески (2.106, рангиран 393.) загуби од ФМ од Романија Андреи Филип (2.325, рангиран 266.), Давид Николовски (1.860, рангиран 458.) од Полјакот Анджеј Кшивда (2.235, рангиран 327.) и Дино Табаковски (1.692, рангиран 477.) од Србинот Мирослав Петрекановиќ (2.179, рангиран 354.). Во вчерашното трето коло, освен Велески, сите македонски шахисти имаа посилни противници според нивниот рејтинг.
На врвот 56 шахисти имаат по максимални два поена, меѓу кои и прворангираниот Габриел Саргасјан (2.699, 41. шахист моментно во светот), кој лани на ЕП во Словенија (317 учесници, 114 ВМ), го освои второто место, како и Русинката Александра Горјачкина (2.576, рангирана 62.).
Новиот шампион на ова ЕП, кое е најмасовно досега, со просечен рејтинг од 2.310 поени, и на кое играат 47 шахисти со рејтинг над 2.600 поени, ќе биде познат по одиграните 11 кола. Наградниот фонд на ЕП изнесува 100.000 евра поделен на 23 дела (плус 12 специјални награди), а победникот ќе заработи 20.000 евра.
Македонија двапати беше домаќин на вакво ЕП. Првиот пат во Охрид 2001 година (203 шахисти, 141 ВМ, 37 ИМ, 17 ФМ од 39 држави) и вториот пат во Скопје 2019 (361 шахист, 143 ВМ, три ЖИМ, 83 ИМ, шест ЖИМ, 58 ФМ и 10 ЖФМ од 42 држави). Г.И.